Со јубилеен концерт балетското студио „Анабела” одбележа 25 години од своето постоење
30.07.2020
Kонцертoт на балетското студио од Велес се одржа во амфитеатарот на Младинскиот парк, вчера вечер. Балерините изведоа повеќе кореографии со кои настапувале на домашни и странски натпревари и го промовирале родниот град. Тие и синоќа ја воодушевија публиката која дојде на културниот настан во ограничен број, поради актуелната ситуацијата со Ковид-19.
Вработени во Општина Велес при влез во амфитеатарот мереа температура на сите посетители. Амфитеатарот има одбележани места за седење со што се почитуваат здравствените протоколи и мерки за заштита како и за превенција од коронавирусот.
Со јубилејниот концерт на „Анабела“ во Велес започна културното лето „ВелеСOOLтУра – Латитуда 41’ / Лонгитуда 21’”. Во рамките на оваа културна манифестација ќе се реализираат повеќе концерти од забавен и фолклорен карактер, но и на џез и класична музика, промоции на книги, изложби, филмски проекции, мултимедијални проекти, перформанси и друго, со уметници од градот и државата.
Организаторот, Општина Велес финансиски ја поддржа културната манифестација со 300.000,00 денари од Програмата за култура и меѓународна соработка за 2020 година./У.Ј