Во срцето на Алпите се отвора најдолгиот тунел во светот
Патувањето од Цирих до Милано сега ќе трае два часа и 40 минути.
Тунелот „Готард“ поминува низ срцето на швајцарските Алпи и го поврзува централниот швајцарски кантон Ури со југот на земјата.
Тунелот е долг 57 километри, неговата изградба чинеше околу 12 милијарди швајцарски франци, а го градеа 2.400 работници. Патувањето од Цирих до Милано сега ќе трае два часа и 40 минути.
Идејата за изградба на овој тунел ја дал швајцарскиот инженер Карл Едвард Грунер во 1947 година. Тоа било визионерски проект, за кој Грунер велел дека би можел да се заврши до почетокот на 21 век.
Со тоа беше засадено семето на еден од најголемите градежни потфати, кој од оваа седмица, откако возовите ќе почнат да сообраќаат низ тунелот „Готард“, ќе го трансформира патувањето низ срцето на Европа.
За да се изгради тунелот, ископани се 28 милиони тони карпи. Изградбата официјално почна во 1999 година, но имаше многу бирократски и финансиски проблеми поради загриженоста од одржливоста на проектот.
Граѓаните на Швајцарија конечно на референдум во 1998 година изгласаа дека се за изградба на тунелот, вклучувајќи и зголемени патарини, од кои би се финансирала изградбата.
Со отворањето на железничката линија низ тунелот „Готард“ ќе се подобри сообраќајната мрежа воопшто, бидејќи ќе се намали загадувањето на околината и уништувањето на патиштата. Се очекува бројот на патници во железничкиот сообраќај да се зголеми од 9.000 на 15.000 до 2020 година.
Официјалното свечено отворање закажано е за среда, 1 јуни, а освен швајцарските функционери, се очекува присуство на францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и италијанскиот премиер Матео Ренци.
Тунелот ќе биде во целосна употреба во декември оваа година.
„Готард“ ќе го престигне јапонскиот тунел „Сеикан“, кој со 53,9 километри до сега беше најдолг тунел во светот.
Извор: Плусинфо.мк