Советот за безбедност во сабота ќе одлучува за вонредната состојба
28.05.2020
Советот за безбедност во сабота напладне во претседателската вила Водно ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба, потврдија за МИА од Кабинетот на шефот на државата.
Сабота е последниот ден кога истекува третата – двонеделната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.
Пендаровски ќе го свика Советот за безбедност в сабота, без огледед дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.
Премиерот Спасовски изјави дека се прават проценки дали ќе биде побарана нова вонредна состојба, но нагласува дека по нејзиното завршување, според Уставот и законите, треба да продолжат изборните дејствија кои беа прекинати поради пандемијата, и во рок од 22 дена да се одржата парламентарните избори.
Претседателот Пендаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна состојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.
Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.
Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.
Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.