Пензискиот фонд станува сѐ позависен од буџетот
Во предлог-буџетот за 2017 година предвидени се 452 милиони евра за дополнување на пензискиот фонд. Или 54 % од потребните пари за исплата на 312.858 пензионери ќе дојдат како дополна од буџетот, а не од приходите од пензискиот фонд.
За 2017 година потребните пари што се неопходни за исплата на пензиите изнесува 51 милијарда денари (832 милиони евра), заедно со ветеното зголемување на пензиите од 5%. Годинава за дополна на пензискиот фонд од буџетот беа предвидени 20 милиони помалку, или околу 430 милиони евра, од планираните за 2017 година.
Ваквото постојано зголемување на интервенцијата од буџетот покажува дека приходите од придонесите за пензиско осигурување не се доволни. Дефицитот во пензискиот фонд, односно разликата меѓу трошоците за пензии и приходите од придонесите се зголемува.
Во последните извештаи на ММФ и Светска банка се предупредува на лошиот тренд со дефицитот во фондот за пензиско осигурување. ММФ предупреди дека без реформи пензискиот дефицит од 4,5% од БДП, може да се зголеми двојно повеќе до 2030 година.
Извор: Мкд.мк