Пратениците расправаат за импичментот на Иванов
Започна со работа комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција по предлогот што е поднесен од страна на опозицијата.
На последната расправа, пратениците од власта и опозицијата ги судрија ставовите во однос на овој предлог.
Како што е познато Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за импичмент на Иванов треба да брои 11 члена, претседател ќе биде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група ќе има уште пет члена, по два од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.
Токму овој сооднос го оспори опозицијата.
Според координаторот на пратеничката група на Горан Сугаревски, нема соодветна застапеност на пратеничките групи во Комисијата врз основа на бројот на мандатите. Сугаревски обвини дека шестмината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата треба да ја бранат криминалната врхушка на владејачката партија, а претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата дека го прекршил Деловникот на Собранието.
– Иванов сега никој не може да го спаси. Што ќе напишете за седум дена во Извештајот. Има сериозно прекршување на Уставот. Иванов постапи по член што не постои, рече Сугаревски. Според него, целта била во изминатите 40-50 дена да се спречи работата на Специјалното јавно обвинителство.
Пратеникот Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека Комисијата не суди туку ја разгледува основаноста на предлогот, а откако ќе биде прочитан Извештајот на Комисијата за оценување на основаноста, Собранието ќе расправа дали претседателот направил прекршок или не и ќе се изјасни за неа. Говорот на Сугаревски, според Илиоски е класичен цинизам.
Партија која овие две години покажува дека не му е важна ниту една институција во Македонија, дека не му е важно Собранието, Уставниот суд, Претседателот… на крајот на краиштата дека не му е важна волјата на граѓаните. Сега го браните Уставот и законите, истакна Илиоски.