Романската обвинителка Ковеси на конференција во Македонија
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) организира еднодневна конференција на тема „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личности или на систем?“, на 22 март 2016 г. (вторник), во 10 часот во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.
На конференцијата ќе учествуваат Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител од Националниот директорат за антикорупција во Романија, како и специјалната јавна обвинителка во Македонија, Катица Јанева.
Кодрута Ковеси ќе зборува на тема „Непристрасност, интегритет, ефикасност“, односно ќе одговори на прашањата „Што е предуслов за успешна борба против корупцијата на високо ниво? Дали е прашање на личност или систем? Успешни примери за спроведување на случаи за корупција на високо ниво.“
На конференцијата е највено учество и на американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, но засега не е потврдено учеството на јавниот обивнител Марко Зврлески.
Романската обвинителка ќе зборува и за тоа дали е борбата против корупцијата колективна одговорност, како и за улогата на граѓанските организации во борбата против корупцијата на високо ниво, дали сме на добар пат за постигнување непристрасна и ефикасна борба против корупцијата на високо ниво и што уште е потребно да се направи.