Дванаесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски
Денеска навршуваат 12 години од трагичната смрт на Претседателот на Република Македонија Борис, Трајковски кој важеше за народен човек кој го живее својот живот посветен на својата земја, а загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Дванаесетгодишнината од смртта ќе биде одбележана и во Македонија и во Босна и Херцеговина. Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат повеќе делегации и граѓани.
Годишнината од смртта на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Цвеќе ќе положат директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински, директорот на Агенција за млади и спорт, Марјан Спасески, претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаревски, претставниците на Спортското радио, како и претседателот на Сојуз на спортови на Македонија, Борче Боев.
Цвеќе ќе биде положено и на спомен обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина.
Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загинаа претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлената македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.
Во несреќата животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.