Лажни гласачи: Откриени нови државни станови на кои се воделе гласачи од Пустец
МВР откри нови локации на кои, според Избирачкиот список, би требало да живеат десетици гласачи од Пустец, пишува Фактор.
Освен по Рузвелтова 64, откриени и станови на адресите Васил Ѓоргов 2 и Максим Горски 25 во Скопје. Како што открива телевизија Алсат, на еден од становите на Рузвелтова се воделе дека живеат 30-тина луѓе од Пустец, но кога нивната екипа ја посетила адресата, во станот не нашла никого. Соседите рекле дека таму немаат видено никого долго време.
Истата приказна е и на другите две адреси, каде според Избирачкиот список, таму би требало да има врвулица од луѓе, но екипите на 24 Вести нашле затворени врати и пајажина.
Инаку, пред неколку дена, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски откри дека, МВР во времето на министерката Гордана Јанкулоска, издало 424 лажни лични карти на лица од Пустец, кои подоцна гласале во општина Центар.
Спасовски информира дека лажните гласачи биле сместувани во станови, за кои по проверките се докажало дека се во државна сопственост. На иста адреса според документацијата се воделе по 20-30 луѓе.