СДСМ: Антикризните економски мерки од четвртиот пакет предвидуваат намалување на ДДВ за занаетчиските услуги
3.10.2020
СДСМ денеска најави дека со четвртиот пакет на економските мерки се предвидува намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за занаетчиските услуги и производи.
Пратеничката на владејачката партија, Даниела Маркоска, на прес-конференција истакна дека сопоследните антикризни мерки е обезбедена помош и за занаетчиите.
-Со мерката наменета за занаетчиите се предвидува намалување на ДДВ на нивните услуги и производи од 18 на 5 отсто, со што ќе се зајакне нивната конкурентност на пазарот, потенцираше Маркоска и истовремено нагласи дека на занаетчиите и понатаму им остануваат на располагање и претходните економски мерки, односно помошта за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка.
Намалувањето на ДДВ, како што рече таа, е само нова поволност која доаѓа како надополнување.
– Новиот пакет антикризни мерки со цел полесно справување со последиците од коронавирусот, предвидено е и намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалоци, со нова повластена стапка на ДДВ од 10 отсто наместо сегашната редовна, од 18 отсто. Оваа мерка ќе започне од 1 јануари 2021 година, преку неа ќе се постигне намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, но и поголема ликвидност на услужниот сектор, изјави Маркоска.