Камбери и Митров наградени на „12 Турнир во борење на пеливани“ во Велес
Пеливанот Кадир Камбери беше прогласен за надобар и наградата за најдобра борба му беше доделена на пеливанот Дејан Митров од Штип за борбата со Муамет Асани од Кичево на Турнирот во пеливанско борење што за прв пат се одржа во Велес.
Двочасовниот спортски настан, организиран како придружна манифестација на 14 Фестивал на пита и вино се одржа денеска, сабота 21 октомври, во Младински парк во Велес.
На турнирот учествуваа вкупно 24 пеливани од Чашка, Скопје, Кичево, Прилеп и Штип.
На самиот почеток на спортскиот боречки натпревар Градоначалниот на Општина Велес, Аце Коцевски ги поздрави пеливаните и рече дека во село Бузалково ќе се подготви нов терен наменет за борење на пеливани како и дека Општина Велес и во иднина ќе се залага за подобрување на условите за развој на овој традиционален боречки спорт затоа што турнирите од овој тип претставуваат автентични настани кои поседуваат и многу елементи со културолошка заднина.
Пеливанството како боречки спорт има долга традиција во велешкиот регион. Досега овој турнир се одржуваше во селото Бузалково, но поради непостоењето на соодветен терен годинава настанот се одржа во Велес во организација на Федерацијата на пеливанско борење на Република Македонија, Општина Велес и Пеливанскиот клуб „Пеливан” од Велес, како технички организатор./У.Ј