Спортските клубови во Велес имаат потреба од финансирање и од општината
Резултатите во спортот не зависат само од екипираноста на тимот, напорната работа, воља и желба за победа, туку и од тоа колку пари се вложуваат во него. Со група од седумнаесетина девојчиња, вљубенички во фудбалот, се стреми кон победи Женскиот фудбалски клуб „Борец“ од Велес. Нивниот ентузијазам и желба за овој спорт се пресликува на терен каде секојдневно ги тренира поранешниот фудбалер Тоше Нацев. Со само еден спонзор успеваат да ги „бијат битките“ на фудбалските игралишта во Велес и во другите градови во државата. И не се жалат премногу туку велат дека им недостига опрема за тренинг.
Фудбалерките на ЖРК „Борец“ се подготвуваат за тренинг
– Јас тренирам веќе една година и можам да кажам дека условите се добри. Единствено што ни недостига тоа е опремата, дресови нови и слично, вели фудбалерката Александра Јовановска.
И тренерот Нацев смета дека на клубовите им недостасуваат финансии.
Тренерот на ЖФК „Борец“, Нацев, на тренинг на екипата
– Финансиите се многу значајни. Кој клуб има финансии тој постојано е првак, ги собира најдобрите девојчиња и затоа клубот е најдобар во текот на годината. Проблермите на финансиски немоќните клубови се во следново ако не најдат спонзор за наредната година тогаш ги губат фудбалерките кои преминуваат во клубови кои се финасиски помоќни. И така, едноставно се вртат од клуб во клуб. А треба да ги сочуваме во матичниот, каде започнале да тренираат и да стекнуваат фудбалски вештинии. Тимот кој не се променува е победнички, се разбира кога се појачува со квалитетни играчи, рече Нацев.
Во буџетот на општина Велес за годинава предвидени се 1.750.000,00 денари за поддршка на спортот во градот.
Градоначалникот Аце Коцевски дава изјава за „Читај и меѓу редови“
-Програмата за активности на општина Велес во областа на спортот за годинава димензионирана е на 9.030.000 денари. За поддршка на училишен спорт предвидени се средства во висина од 300.000 денари. Со 350.000 годинава ќе ги финансираме младите екипи за користење на спортски објекти, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Вака Градоначалникот се огради од целосно финансирање на спортските клубови за кои смета дека треба да имаат спонзори. Парите од општинскиот буџет, според него, треба да се вложуваат во развој на училишниот и рекреативниот спорт во градот.
ЖФК „Борец“ го освои првенството и купот на Македонија во 2009 и 2010 година и така го промовираше градот во Лигата на шампиони. Сега неизвесно е дали ќе го повтори овој успех ако во иднина не привлече повеќе спонзори.
Автор : Јована Јовановска, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес
Во подготовката на текстот помагаа: Енис Јајов, Борис Јанев, Сајма Лековиќ и Андреј Марков, ученици во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес