Првиот круг од квалификациите на Евро лигата во одбојка ќе се одржи во Велес
Во средината на месец јуни, годинава, Велес ќе биде домаќин на одбојкарскиот турнир на кој селекцијата на Македонија ќе ги одмери силите со Шведска, Азербејџан и Албанија . Турнирот од 16 до 18 јуни ќе се одржи во салата „Ѓемиџии“. Вака одлучи Управниот одбор на ОФМ. Информацијата денеска во Велес ја соопшти генералниот секретар на Одбојкарска Федерација на Македонија.
– Одбојкарскиот клуб Борец годинава слави 60 години од формирањето. Тој имаше светли моменти, успони и падови, а она што е многу значајно за ОФМ е тоа што по периодот на стагнација Борец ја враќа одбојката во градот. Се враќа и клубот и тоа е многу важно за ОФМ. Тоа што Борец има една успешна сезона зад себе со освоено третото место во машка категорија ние одлучивме во Велес да се одржи еден европски спортски настан, рече генералниот секретар на ОФМ,Зоран Карановиќ.
Станува збор за турнир со кој сениорската машка репрезентација учествува во 14-тото издание на Европската одбојкарска лига. Тој на Македонија и овозможува четврто учество и можност за влегување во завршницата во Копенхаген Данска.
Како домаќини велешани добија можност да ги видат најдобрите европски одбојкари. Познати се и паровите на турнирот. На 16 јуни Македонија игра против Азербејџан, на 17 јуни со Албанија и на 18 јуни со Шведска. Почетокот на сите три натпревари е во 19,30 часот. /У.Ј