Донација во ќерамиди за реконструкција на покривот на училишната зграда во Башино Село
22.12.2020
Донација во ќерамиди доби подрачното основно училиште во Башино Село. Ќерамидите ќе ја помогнат реконструкцијата на покривот на последната стара школската зграда во општината. Тие се донирани од Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ преку партнерскиот договор со најголемиот производител на тули во светот „Винербергер“.
-Хабитат Македонија е домакин на еден несебичен гест на компанијата Винербергер. Првата донација е во ќерамиди за реконструкција на покривот на основното училиште во Башино Село, рече директорот на Хабитат Македонија, Зоран Костов.
-Како директор на Винербергер Македонија се радувам што со Хабитат Македонија успеавме да ја реализираме донацијата со тоа што ќе се реконструира покривот на училиштето во Башино Село, рече директорот на Винербергер Владимир Златковски.
-Голема благодарност до нашите долгогодишни соработници и партнери во повеќе проекти Хабитат Македонија и до компанијата Винербергер која покажа голема општествена одговорност. Се надевам дека овој пример ќе го следат и други општествено одговорни компании и ќе донираат во образовниот процес се со цел да се подобрат условите за следење на наставата на учениците, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
– Проектот е од повеќе интервенции. Една од нив е промена на кровната конструкција на училиштето. Соработкатата со Винербергер почна пред годинаипол. Вкупната вредност на проектот за Македонија е 35 илјади евра. Следуваат уште две интервенции, едната е за промена на покривот на објектот во кој е сместено Здружението на лица со церебрална парализа а за другата дополнително ќе се утврдува, рече заменик директор за програма Хабитат Македонија, Лилјана Алчева.
Донацијата чини 350 илјади денари. Градоначалникот Коцевски најави започнување на реконструкцијата на покривот на оваа училишна зграда штом за тоа дозволат временските услови.
За седум дена ова е втора донација на „Хабитат Македонија“ во Велес. Претходната се состоеше во два трактори за собирање на смет од ромските населби во градот.
Убавка Јаневска