Поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, седна на обвинителна клупа во Основен суд Велес
24.07.2020
Главната расправа денеска започна и се прекина во Основен суд Велес. Бранителите Петро Јанура и Горан Ѓоргиевски на разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичен Суд, Владимир Панчевски, веднаш побараа од судијката Валентина Ѓоргиевска да го одложи судењето затоашто во предметот го немало Решението на Врховен суд по жалбата на Панчевски поднесена против одлуката на Судскиот совет од 25.12.2019 година со што тој не бил разрешен од функцијата судија и имал судијски имунитет. Исто така бранителите бараа судијката Ѓоргиевска со решение да го прекине и притворот на Панчевски.
-Сите видовте дека судијата избегна да одговори на нашите барања. Ние баравме да да се произнесе дали постои таков доказ во судскиот предмет. Очигледно дека таков доказ не бил доставен ниту од Обвинителот и не бил увиден од судечкиот судија кој што во самото Решение не се има повикано на такво нешто. Овој притвор не само што не беше потребен туку е и незаконит, рече адвокат Петро Јанура.
Како што во судницата обвинителката Цветанка Богоевска, тврдеше дека Врховен суд има донесено одлука со која на крајот на месец јуни, годинава обвинетиот Панчевски е разрешен од судија така и во соопштение за јавност објавено денеска на веб страницата на Врховен суд пишува дека „На седницата одржана на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалба донесе решение со кое што жалбата на Панчевски ја одби како неоснована.“
Судечката судијка Ѓорѓиевска по кратка пауза за консултации ја продолжи главната расправа со тоа што удоволи на барањата на адвокатите и на обвинетиот, да се подготват за одбрана преку увид воа списите на предметот како и доказите на Обвинителството со изјавите на сведоците но до крајот на денешното работното време на Основен суд Велес. Потоа продолжението на главната расправа го закажа за 27 јуни, понеделник, со почеток во 10 часот.
Според обвинението, на разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичен суд, Панчевски му се суди за злоупотреби на електронскиот систем на распределба на судски предмети АКМИС затоа што наместо системот Панчевски ги делел предметите на подобни судии./У.Ј