Комеморативна седница по повод смртта на академскиот сликар Ангел Петров во Општина Велес
6.07.2020
По повод смртта на академскиот сликар и професор во пензија, Ангел Петров, денес во Општина Велес се одржа комеморативна седница.
Во присуство на членови на семејството на Петров, неговите пријатели, соработници и поранешни колеги, во името на сите граѓани на Велес со Ангел Петров се збогуваше градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.
„Кога животот ни ја крши душата, уметноста е таа што нè потсетува дека ја имаме. Навираат слики и живи спомени поврзани со ликот и делото на еден голем човек. И токму затоа, во овие тажни моменти, нималку не е лесно да се изнајдат вистинските зборови да се говори за една личност каков што беше академскиот сликар и професор Ангел Петров”, рече Коцевски.
За огромниот придонес и делата што ги остави зад себе како една од водечките личности од неговата фела, велешани ќе го паметат Петров како создавач на најголемиот опус на портрети на Гоце Делчев и Коста Солев Рацин.
За неговата воспитувачка, педагошка и професионална кариера како професор на многу генерации, говореше директорот на велешката гимназија СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, Гоце Алексовски.
Петров има добиено многу награди и признанија, а добитник е и на највисоката општинска награда за животно дело „Гемиџии” во 2004 година. Тој има создадено над пет илјади врвни уметнички дела.