Конечно, жителите на село Отовица добиваат здрава, квалитетна и во поголеми количини од досега вода за пиење
17.06.2020
Жителите на село Отовица конечно ќе можат да добијат здрава, квалитетна и во поголеми количини од досега вода за пиење. Со изградбата на новиот систем за водоснабдување жителите на ова населено место, веднаш до Езеро Младост, ќе бидат поврзани со водоводната мрежа на градот Велес која добива вода од Хидросистем „Лисиче“ . Вкупната должина на водоснабдителниот систем изнесува 2.580 метри. Во изградбата се користат полиетиленски цевки со пресек од 90 мм и издржливост од 6, 10 и 16 бари.
Почетокот на системот е во близина на првата плажа на брегот на Езеро Младост,на левата страна од регионалниот пат за Скопје за потоа во два наврати да помине под патиштата и под железничката пруга Велес – Кочани и од десната страна да заврши кај постоечкиот резервоар.
-Како додадена вредност на овој проект, со средства на Министерството за животна средина и просторно планирање, на Општина Велес и на ЈКП Дервен ќе ја започнеме изградбата на новата магистрална водоводна линија од потегот Желен Мост до населбата Весела Долина. Количеството на вода што ќе се дидтрибуира кон село Отовица, објектите на Езеро Младост и населба Речани, значително ќе се зголеми. Решаваме голем проблем што е особено важен за развој на селскиот и транзитниот туризам поради местоположбата на село Отовица и секако неговата атрактивност како сега исто така се надевам и во иднина, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Општина Велес го подготви проектот што во Министерствата за животна средина и за локална самоуправа ги аплицираше Центарот за развој на вардарски плански регион . Парите ги обезбеди Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој.
На денешното симболично означување на почетокот на работите на изградба на системот за водоснабдување на село Отовица присуствуваше Министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
-Во Велес досега сум промовирал повеќе прчетоци на проекти. Овој е од комунална инфраструктура и жално е што во 21 век сеуште зборуваме за села што немаат канализациона и водоводна мрежа. Затоа како Влада избравме да финансираме вакви инфраструктурни проекти се со цел да се подобри животот на граѓаните во населените места со цел да се заштити нивното здравје и животната средина. Знаеме колку е важно здравјето во овие моменти и ова е превенција за понатаму да се запре ширењето на други видови на болести. Со изградбата на оваа водоводна мрежа ја подобруваме и туристичката понуда преку изградба на нови викен куќи и ширење на населбата. Во исто време се подобруваат и условите за живот на граѓаните во Отовица., рече министерот Милевски.
Тој повтори дека за успешното реализирање на проектите е потребен партнерскиот однос на општините и центрите за развој на планските региони. Во исто време побара квалитетни проекти за кои ќе се издвојуваат средства од државниот буџет.
-Изразувам благодарност до Министерството за локална самоуправа, Министерот и Бирото за регионален развој како најголеми донатори на големите финансиски поддршки како за Велес така и за останатите општини од Вардарски плански регион. Благодарност за Градоначалникот и тимот на општината кои што го подготвија и во фазата на реализација на овој проект ќе ја обезбедуваат неопходната помош. Како нов в.д Раководител на Центарот за развој на Вардарски плански регион ќе продолжи интензитетот на подготовка и реализација на проекти за подобрување на условите за живот на граѓаните во регионот како и за привлекување на туристи и инвеститори, рече Игор Андреев.
Вкупната вредност на проектот изнесува 7.014.635,00 денари, со пресметан ДДВ.
Изведувач на градежните работи е „Дан Са” Трејд ДООЕЛ, Скопје, а рокот на изведба е четири месеци од воведување на фирмата во работа./У.Ј