Пет повредени, од кои четворица, во велешка болница по синоќешната сообраќајка на јужниот излез на Велес
14.05.2020
Дваесет и седум годишен маж се здоби со скршеници на кичма а три месечно бебе со повреди на глава кога автомобил марка „Рено“ со скопски регистерски таблички синоќа, околу 19 часот, излета од патот и падна на железничката линија Скопје – Гевгелија, на јужниот влез на Велес . Со авомобилот патувале уште три лица од кои една е мајката на бебето. Тие избегнале голема трагедија кога успеале да излезат од автомобилот пред во него да удри товарен воз.
Сите повредени се пренесени во велешката болница каде по укажана прва помош на Клиниката за трауматологија во Скопје е пренесен тешко повредениот маж и три месечното бебе. Повредениот маж е задржан на лекување додека бебето по направени прегледи е вратено на лекување во болницата во Велес.
Според портпаролката на велешка болница д-р Весна Николовска Неделкова сите примени пациенти на Оделението за хирургија и трауматологија се надвор од животна опасност. Мајката на 21 годишна возраст, тримесечното бебето и уште две лица на возраст од дваесет години се задржани на опсервација поради здобиени нагмеченици по телото.
На местото на несреќата синоќа беа и пожарникарите на ТТПЕ Велес додека јавен обвинител и полицијата вршеа увид. Резултатите од увидот треба да ги откријат причините за несреќата. Несреќата беше причина за петчасовниот прекин на железничкиот сообраќај на пругата Скопје – Гевгелија. Товарниот воз на железничката станица во Велес пристигна на полноќ.
Инаку во времето на несреќата во Велес дуваше ветер со голема брзина./У.Ј