Коцевски: Велес е неправедно исклучен од градовите кои според бројот на заболени граѓани, по глава на жител,добиваат државна помош
30.04.2020
Споредбените податоци на вкупниот број на жители со бројот на заболени граѓани во Велес покажуваат дека градот се наоѓа на четврто место со 1,25 заболени на 1.000 жители, после Куманово кое што има 3,64 заболени, Дебар со 2,61 заболени и Прилеп со 1,91 заболени на илјада жители додека по него следуваат Струга со 0,10 заболени, Скопје со 0,09 заболени и Тетово со 0,078 заболени на илјада жители. Но Велес не е во групата на градови што добива државна помош како дел од мерките за справување со Ковид 19.
И покрај 69 случаи на заболени граѓани во Велес, градот, досега не добил помош од владата, не може да дели заштитна опрема за граѓаните на улица, нема ниту дезинфекциони средства на пунктови што се случува во останатите од посочените градови.
И градоначалникот Аце Коцевски има чуство дека во споредба со некои градови Велес е онеправдан.
-Мојот впечаток е таков што Велес не добива помош како другите градови во кои бројот на заболени граѓани од Ковид 19 е приближно ист. Се надевам дека тоа ќе се корегира. Дали беше битката да се стават во најзагрозените за да добиваат помош незнам. Некои општини делат медицинска опрема на јавно прометни површини на граѓани случајни минувачи.Велес ја нема таа привилегија затоа што немаме толкави количини за да можеме тоа да го правиме.Значи кога се одредуваат општините како најзагрозени тоа треба да се прави според некои научни, стручни параметри како број на заболени, по проценка за можност од експанзија на епидемијата во тие градови. Бројките покажуваат дека Велес е позагрозен од Тетово но не и еднакво покриен со заштитни средства. Не би сакал да насочувам дека се работи за партиски или друг вид на причини но би било добро тоа да биде направено на поинаков начин, рече Коцевски.
И ако државата не му помага во доволна мера сепак Велес успева да обезбеди доволен број на заштитни и количини на дезинфекциски средства за да ја менаџира доволно добро состојбата со епидемијата на коронавирус. Во тоа му олеснуваат секојдневните донации.
Освен донацијата од 50 таблети за сиромашни ученици на тетовската фирма „Еколог“денеска Велес доби донација од 250 скафандери од компанијата „Дрекселмаер – Македонија“, 50 пакети со хигиенски средства од „Хабитат Македонија“ како дел од проектот „Одржлив урбан развој на ромските заедници“, 50 пакети со кроасани донирани од претпријатието „Малина“ од Велес, 151 пакет од Фондација Отворено Општество Македонија“, 5 пакети од физички лица и 15 пакети од семејството на Ердован Етовски по потекло од Мелница во општина Чашка кое живее во Швајцарија./У.Ј