Жена се бори за живот, сопругот и внуката полесно повредени но задржани во велешка болница по верижниот судар кај Пуста Кула на автопат Велес – Скопје
Жена на триесет и шест години која седела на совозачкото место во автомобилот со кавадаречки регистерски ознаки е во кома додека нејзиниот сопруг на триесет и седумгодишна возраст кој го управувал автомобилот и девојче на десетгодишна возраст што седело на задното седиште се полесно повредени во верижниот судар на угорницата пред место викано Пуста Кула на автопатот Велес- Скопје.
– Една пациентка поточно патничка во возилото кое што директно удира во товарното возило што било пред него се констатирани тешки телесни повреди со видливо надворешно крварење како и со скршеница на левата подлактица. Поради констатирани видливи тешки телесни повреди одлучивме со едно амбулатно возило и со една медицинска екпа веднаш да ја транспортираме на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. За време на транспортот пациентката беше со стабилни витални знаци, не свесна и не контактибилна. Двајцата пациенти со полесни телесни повреди, со едно амбулантно возило и една медицинска екипа се пренесени во Ургентните амбуланти на ЈЗУ Општа болница Велес, рече др Страхил Тодоров портпарол на ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Неговиот колега од ЈЗУ Општа болница Велес, портпаролот др Тодор Јаковлевски вели дека примиле двајца пациенти, вујко и внука од Кавадарци, кои се надвор од животна опасност но се задржани на болничко лекување.
-Тие се хоспитализирани откако ги прегледа специјалист ортопед и специјалист невролог. Направени се ренгенски и лабораториски испитувања кога се констатирани телесни повреди кои не се од витално загрозувачки карактер. Пациентите се задржани на болничко лекување на Оделение за ортопедија на опсервација, додаде др Јаковлевски.
На местото на несреќата увид направи екипа на СВР Велес. Увидот завршил а јавноста ќе биде информирана преку соопштение, рече за дума.мк, портпаролот Верољуб Додевски.
Утрово на Пуста Кула, каде што се случи несреќата, имало густа магла. Дел од возачите на петте автомобили и камионот, што учествуваа во верижниот судар, тврдеа дека на патот имало голомразица. Нивните тврдења ги демантира директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
– Се работи за апсолутно прав дел на автопатот, после патарината Отовица и угорницата, каде единствена причина е преголемата брзина. Таму нема дупки, јас секојдневно ја возам таа делница,додаде Китанов.
Поради верижниот судар пет часа не се одвиваше сообраќај по автопатот Велес – Скопје. Возилата беа пренасочувани по стариот пат и по новоизградениот Свети Николе – Скопје./У.Ј