За три дена во Општина Велес се пријавиле две фирми за „Офицерски“
За три дена, две понуди поднесоа фирми заинтересирани за склучување на договор со општината за јавно -приватно партнерство за реконструкција, ревитализација и управување со Офицерскиот дом. Првата фирма веќе извршила увид а втората најавила дека утре, вторник 14 јануари, ќе ја разгледа зградата на култното место во градот кое се наоѓа на атрактивна локација на улица „Благој Ѓорев“ веднаш до зградата на театарот.
– Во фазата на подготовка на огласот имаше голем интерес. Ова култно место за велешани ќе го врати стариот имиџ и повторно ќе биде место во кое ќе се случуваат многу убави работи од угостителски, туристички до забавен па со организрање на културни настан, рече Коцевски.
Според повикот, фирмата или поеднецот што ќе го земе објектот во наредните дваесет години, во првите пет ќе биде ослободена од закупнина како против вредност на финансиските вложувања поточно неопходните реконструкција и ревиталзација. Потоа во наредните 15 години закупнината ќе варира во зависност од висината на просечната плата во државата.
Очекувањата се дека Офицерски треба да го врати стариот изглед на ресторан кој ќе функционира со објект и со летна градина. Тоа значи дека површината која сега се користи како парк повторно ќе треба да стане дворно место кое ќе се огради и во кое ќе се постават маси, столови, шанкови, подиуми и друго.
Она што за жал не може да му се врати на местото се исечените дрвја. Кога се сечеа за да се изгради паркот образложението беше дека дрворедите беа стари и не безбедни. Тогашната локална власт ветуваше дека ќе посади израснати дрвја. Намето нив паркот доби само неколку палми кои не ја преживеаја ниту првата зима./У.Ј