Во Велес, Регионален форум „Процесот на децентрализација во Македонија“
Децентрализацијата на власта освен споделување на надлежностите помеѓу централната и локалната власт гледан од страна на швајцарската програма за поддршка на граѓанските организации Цивика мобилитас значи и силно граѓанско општество како и моќно граѓанство кои ќе можат да се искористат од страна на државата во овој многу значаен процес за земјата, рече Амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Тејада на Регионалниот форум „Процесот на децентрализација во Македонија“ што денеска се одржа во Велес.
– Овој форум денеска е конкретен доказ за ваквиот пристап. Со очекуваното започнување на процесот на пристап во ЕУ децентрализацијата ќе стане уште поважно прашање. Се надевам дека швајцарската поддршка на овој процес преку програмата Цивика мобилитас ќе претставува дополнителна вредност. Швајцарија е земја која што е високо децентрализирана а швајцарските граѓани цврсто веруваат дека децентализацијата треба да започне на локално ниво, рече Амбасадорката Сутер Тејада.
Програмата Цивика мобилитас, во изминатите години, го поттикнуваше граѓанскиот сектор во Македонија на активности и акции кои промовираа заедништво, рече меѓународниот лидер на Цивика мобилитас, Петруш Тоинес
– Таа соработка беше на сите нивоа, на начинот на кои соработувавме со швајцарската Амбасада, со SDS, со Македонскиот центар за меѓународна соработка и сите граѓански организации заедно. Овој форум е извонреден пример за таа соработка бидејќи денеска во салата на Општина Велес гледаме присутни национални и локални власти и граѓански организации, рече Тоинес.
Форумот за „Процесот на децентрализација во Македонија“ всушност е рекапитулација на целата грантова програма на Цивика мобилитас која поддржа 232 граѓански организации со скоро 6 милиони швајцарски франци, рече првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски.
– Регионалниот развој беше една од клучните теми на форумските активности што беа организирани во изминатите години. Во првата година се одржаа осум форуми, по еден во секој плански регион, а во втората четири на кои поттикнавме соработка на соседни региони. Минатата година се обидовме да групираме четири региони во два форуми, истокот и западот. Тоа беа многу успешни форуми. Првиот беше посветен на рудниците во источниот регион. Вториот беше посветен на депониите во западниот редион. И мислам дека по една година можеме да констатираме дека имаше ефекти, рече Кржаловски.
Форумот во Велес содржеше три панели посветени на процесот на децентрализација во Македонија, како до порамномерен развој на регионите и како до поефикасна, поинклузивна и потранспарентна локална самоуправа потоа децентрализираниот развој и влијание на граѓанското општество, предизвици и препораки како и децентрализацијата и унапредување на правата на заедницата на локално ниво преку Комисиите за односи меѓу заедниците што го реализираа трите грантисти на Цивика мобилитас , Форум – Центарот за стратегиски истражувања, ЦЕА – Центар за економски анализи и ЦДИ- Институт за развој на заедницата./У.Ј