Заев од Велес: И СДСМ ќе гласа против ако има Референдум за изградба на бегалски станови и кампови во Македонија
Ако ВМРО ДПМНЕ на 15 октомври, токму на денот на локалните избори, во неколку општини организира референдуми за изградба на наводни станови за бегалци во Македонија тогаш и СДСМ ќе гласа против, рече денеска во Велес, Премиерот Зоран Заев. Велејќи дека станува збор за уште една манипулација на опозицијата Заев најави дека по ова прашање ке изградат став и со останатите политички партии од коалицијата на власт.
– Ова е политичка манипулација на нашиот политички опонент кој сака да го дефокусира вниманието на граѓаните во пресрет на локалните избори. И тоа го прават затоа што се исплашени дека ќе ги загубат и општините. Јас ќе ви кажам вака, ако имаат намера преку мнозинството што го имаат во поголем дел од општините да реализираат и спроведат референдум за забрана за отворање на кампови во Република Македонија јас ставот на СДСМ ќе го изградам заедно со коалиционите партнери и ќе биде многу логичен и едноставен за да баналноста на оваа политика ја доведеме до апсурдност а тоа ќе биде дека и ние ќе го поддржиме Референдумот. Ќе гласаме сите за Референдумот и што правиме после? Така ќе ја покажеме самата баналност на мерката, рече Заев.
Во пресрет на локалните избори, Заев го повика ВМРО ДПМНЕ да креира добри мерки, да се промовира со своите кандидати и програми пред граѓаните затоа што Македонија заслужува компатитивност и програми на политички партии и личности претенденти за состав на Советите на општините и кандидатите за Градоначалници.
– Тоа се перспективите што ги очекуваат граѓаните а не банални лаги со опашки за да се замајува целата јавност во Македонија. Еве едноставно кажувам дека ако има референдум во Велес, во Струмица, во Штип, во Битола и СДСМ ќе гласа и ќе биде стопроцентен одзивот и дека нема да има кампови, рече Заев.
Премиерот додаде дека така ќе се потврди лажната намера за заштита на Македонија од бегалци./У.Ј