Велешани повторно ја покажаа својата хуманост
Традиционалната дваесет и пета по ред летна крводарителска акција се одржа вчера и денеска во Велес. Организаторите, Републичкиот завод за трансфузиологија од Скопје и Општинскиот Црвен крст од Велес се задоволни од одзивот на велешани кои секоја година масовно ја покажуваат својата солидарност. Голем е бројот на граѓани кои подарија крв.
Во двата дена, колку што траеше акцијата, собрани се над 200 крвни единици со драгоцената течност. Организаторите се задоволни и покрај тоа што акцијата ја организираат во време на летни одмори и на високи температури.
Собраната количина на крв е наменета за болниците и клиниките во Скопје.
На денешниот втор ден на акцијата дарители имаше од сите возрасти. Особено радува фактот што за прв пат својата рака ја подадоа и дваесетина млади велешани.
Така,собрани се крвни единици од сите крвни групи. Медицинската екипа присутна на крводарителската акција имаше полни раце работа бидејќи, особено во утринските часови, бројот на велешани кои дојдоа да дарат крв беше доста голем.
„Акцијата е успешна, исто како и лани,“ гласи оценката на екипата од Републичкиот завод за трансфузиологија.
И годинава, традиционална крводарителска акција се одржа во новата зграда на народниот театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“./С.А