Дрвокрадци со камион удриле полицаец
Повреден е полицаец, синоќа еден час по полноќ, во село Горно Оризари додека се обидувал да сопре товарно моторно возило натоварено со бесправно исечени дрва. Камионот марка „фап“, без регистерски таблички, го управувал Н.А.(43) од село Бузалково.
Возачот не застанал кога полицијата се обидела да го сопре туку се обидел да избега. Тој го стартувал камионот со голема брзина во правец кон полициските службеници кои со намера да го сопрат од огнено оружје испукале неколку истрели во пределот на гумите на возилото. Тогаш Н.А. со камионот удрил во еден од полициските службеници.
Повредениот полицаец бил пренесен во Болницата во Велес каде му била констатирана телесна повреда и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.
Возачот Н.А. бил приведен и задржан во полициска станица Велес за понатамошна постапка.
Увид на местото на настанот извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Велес. За настанот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
Дрвокрадците биле откриени при организирана полициска контрола за спречување на бесправно сечење и транспорт на дрва. /У.Ј