Одбележана 204-та годишнина од раѓањето на најголемиот балкански градител Андреја Дамјанов
Неимарот и градител Андреја Дамјанов има вечна слава затоа што и по век ипол неговите дела се горди монументи од кои велешани учат, се гордеат и се претставуваат пред светот. Сите гости кои доаѓаат во градот ја посетуваат „велешката Миланска скала“, како што е наречен соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ во чија внатрешност се врежани симболите на Дамјанов како и фреските нацртани од неговиот сограѓанин Димитрија Андонов Папрадишки. Обајцата, а особено Дамјанов се преселил од селото Папрадиште, расадникот на сакрална уметност на македонската почва, во Велес за да му подари бесмртност. Поради овие причини секоја година на 12 јули, денот кога се родил Дамјанов, сограѓаните го посетуваат неговиот гроб под велелепното здание на од него изградената црква со цел да му оддадат почит.
Така беше и денеска иако најпознатиот балкански неимар и градител не сакал да му се знае гробот што велешани открија дека се наоѓа во црквата „Свети Пантелејмон“ во градот. Таму беше одржан парастос од свештени лица и положено цвеќе.
– Вгодина ќе треба да се случи одбележувањето на двата големи јубилеи поточно 205 години од раѓањето и 140 години од смртта на Андреја Дамјанов па очекувам дека свештенството ќе организира прикладен настан. Се разбира дека и општината нема да го заборави Дамјанов кога на 9 август ќе го слави денот на заштитникот на градот, Свети Пантелејмон, рече Катица Чадиева од општина Велес.
Од таму очекуваат дека в година, во чествувањето на ликот и делото на Андреја Дамјанов ќе се вклучат сите архитекти од Македонија, Здружението на архитектите, Архитектонскиот факултет и граѓаните што умеат да вреднуваат вистински дела од кои се очекува да дојдат на неговиот гроб во Велес, да се поклонат и да му оддадат должна почит./У.Ј