Четири години затвор за радовишанецот кој се обиде да пренесе 34 кг марихуана во Грција
Кривичниот совет на Основниот суд во Велес го огласи за виновен и го казни со четиригодишна затворска казна триесет и шест годишниот радовишанец Марјан Темов за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични сретства. Според пресудата Советот утврдил дека Темов се обидел, лани, на 24 јули, преку граничниот премин Дојран од Македонија да изнесе 34 килограми марихуана наменета за продажба.
Дрогата, што ја откриле цариниците и полицијата на граничниот премин била спакувана во две црни торби, во 35 пакетчиња, поставени под церадата во полуприколката од камионот што Темов го возел. Тој во судската постапка што против него се водеше изминативе неколку месеци не го призна делото туку се бранеше со тоа што велеше дека не знае кој ја ставил откриената количина на марихуана.
Кривичниот Совет му го продолжи притворот на Темов се до правосилноста на пресудата. Притворот што му е одреден на 24 јули, лани, ќе му биде пресметан во затворската казна. Осудениот Темов има право на жалба.
Инаку, Кривичниот Совет на Основниот суд во Велес донесе одлука, по правосилноста на пресудата, да бидат конфискувани камионот и полуприколката во кои беше откриена дрогата и 34-те килограми марихуана да биде уништена./У.Ј