„Сиромаштијата и модерната технологија ги исфрлија од употреба новогодишните честитки“, вели единствениот уличен продавач во Велес
Во пресрет на новогодишните празници велешани годинава честитки и украси можат да си купат само од една тезга на платото пред зградата на Основниот суд. Таму ги чека единствениот продавач Ерол Џеладинов. Тој е сопственик на продавница во која се продаваат електрични светилки и друг вид на уреди во близина на централниот градски пазар. Исто така е и традиционален продавач на новогодишни честитки на тезга. Џеладинов знае дека годинава ќе биде сам на просторот на кој во претходните години закупуваа и тезги поставуваа по четириесеттина и повеќе трговци на новогодишни честитки и украси, на облека, обувки, козметика, сувенири и друг вид на подароци.
– Не сакам да згасне традицијата на продажба на новогодишни честитки. Затоа одлучив и годинава да закупам простор. Тука сум пет дена и продажбата е очајна. Честитки веќе никој не купува, ниту децата. Модерната технологија која овозможува испраќање на sms порака на мобилен телефон или мејл порака целосно ги исфрли честитките од употреба. За жал мислам дека граѓаните штедат и не сакаат дополнителен трошок. Ако една sms порака чини 5 денари колку и едностраната честитка тогаш изборот за sms пораката спасува десеттина денари кои треба да се дадат за поштенска марка. Тоа е – сиромаштијата мислам дека го прави своето, рече Џеладинов.
До пред една деценија овој уличен продавач на честитки продавал и по пет илјади парчиња. Последните три години едвај стигнувал до илјада честитки. Тој годинава веќе да се сомнева дека ќе продаде две стотини парчиња. Џеладинов нема да има добивка од која ќе може да го покрие трошокот што го направил за изнајмениот простор. Него го обесхрабрува и продажбата на лампиони и новогодишни украси.
– На тезгата не доаѓаат веќе ни децата. Во текот на денот на прсти можам да ги избројам купувачите на украси. Не се трошат ниту балоните, прскалките, гумените Дедо Мразовци. За жал вгодина и мене ќе ме нема на овој простор на кој годинава го собрав единствено само студот, рече Џеладинов.
Додека со него разговаравме пред неговата тезга дојдоа уште неколкумина негови колеги кои до лани изнајмувале тезги. Почнаа да се присетуваат и да ги бројат сите што претходно биле дел од предновогодишната атмосвера на просторот пред зградата на судот. Годинава изброија дека таму недостасуваат четириесет и тројца велешани кои традиционално на тезги продавале разни украси, елки, гардероба, влечки и топлинки, капи и шалови како и други предмети./У.Ј