Одзивот на граѓаните голем и во попладневните часови во Велес
И во попладневните часови е исто како претпладне кога голем број на велешани доаѓаа на избирачките места и учествуваа во изборниот процес. Гласањето на избирачките места во центарот на Велес се одвива мирно и без проблеми велат претседателите на избирачките одбори број 2156 Мимоза Стојановска и број 2162, Дејан Палашев. Првото избирачко место е едно од вкупно двете во економското училиште „Јовче Тесличков“ додека второто се наоѓа во зградата на Основниот суд. И тоа е едно од вкупно двете кои ги посети американскиот амбасадотр во Македонија Џес Бејли а во попладневните часови гласањето го надгледува и набљудувач на ОБСЕ.
– Во избирачкиот список на избирачкото место 2156 се евидентирани 810 граѓани а од нив до 17 часот гласале 525 граѓани. Денеска на ова избирачко место гласањето се спроведе без проблеми, рече Стојановска.
– Во избирачкиот список на избирачкото место 2162 се запишани 543 избирачи а од нив до овој момент, 17 часот, гласале 399 избирачи. Изборниот процес се спроведува без било каков проблем, рече Палашев.
Граѓаните кои гласаа беа расположени за изјави во кои најчесто велеа дека од новата влада очекуваат поголеми плати, пензии, крај за криминалот и корупцијата и единство помеѓу граѓаните.
– Очекувам подобра иднина за сите. Многу работи недостасуваат во нашиот град. Прво ќе почнам со вработување за младите потоа департизација на сите институции, па и уште многу други работи на кои сега не можам да се сетам, рече велешанец.
– Поинаку да се работи, по чесно, подостоинствено за сите луѓе. Мир да се обезбеди и стравот да се заборави. Корупцијата да се искорени, рече велешанка.
– Посакувам да бидеме посреќни, здрави и поголеми плати како за помладите така и за постарите, рече велешанка.
На избирачките места состојбата со спроведувањето на изборниот процес постојано денеска ја следеа и тимови на Мост како и на уште неколку други организации и коалиции./У.Ј