За маалото изградено на карпа во Велес
На најстрмниот и најкаменестиот дел од градот, што започнува од плоштадот „Саармале“ и се простира угоре кон Којник и Теќе, се наоѓа велешкото Карпа маало. Името го добило по тоа што се создало на голема карпа. Според кажувањата на стари велешани на карпата, најнапред се наоѓала примитивна ковачница што ја имал некој Турчин. Кога тој си заминал карпата со месеци, со токмак, ја кршел Трајко Димов со домаќинката Лена и децата Иле, Коле, Димче, Ѓоре и Славка, за да изградат свој дом. Се до 1926 година, над карпата и десно од неа, немало куќи. Подоцна тука заапочнала изградбата на куќи на граѓани од македонска и од турска националност.
До првите изградени куќи на „Карпа маало“ граѓаните тогаш стигнувале по тесно и стрмно калдрмисано патче што почнувало веднаш од јаворот од левата страна на плоштадот „Саармале“. Од двете страни на патот имало дуќани. Најбројни биле самарџиите, сарачите и налбатите. Денес на местото на тоа калдрмено сокаче се наоѓаат бетонските скали преку кои се влегува во ова мало. Тие се пристап под изградената станбена зграда или дел од мал стамбено деловен комплекс.
Штом сите ги искачите и излезете од малото тунелче веќе зад себе ги оставате плоштадот „Сармаале“ со двата повеќе вековни јавори. Со наредните неколку чекори веќе се наоѓате пред куќата на Ордан самарџијата и неговата сопруга Агна како и децата Ацо, Цвета, Летка и Васа. Втората куќа е на Пано и Гена Ајдарови со синовите Благој Ристе и Ацо, потоа следи домот на Коста геривџијата со синот Пецо, па на Ладо ковачот со сопругата Јовка, со две ќерки и синот Трајче и на Милан железничарот со синот Боро. Подоцна во нивната куќа како кираџии се вселиле железничарот Тоде со сопругата Николина Улеви со децата Стојанче, Драган и Лила. По сокакот, во правец на големата карпа, свои куќи имале Секула со домаќинката и синовите Трајко, Васил и Благој, потоа Ало и Менка со синовите Коце, Лазе и Ѓоре и ќерката Рада. До нив живееле грнчарот Ѓоро со сопругата Ката и синот Живко откако куќата ја купиле од Суљо ковачот.
Како што претходно напишав, над карпата била куќата на Трајко и Лена Димови. Тие подоцна ја продале. Таму се наоѓал и домот на Милан и Тодора Макниеви, со синот Димче и ќерките Рада – сопругата на првоборецот Цвајот. Потоа во редот од маалото следни биле куќите на Николина и Јана, Дончо и Велика со синовите Стојанче, Боре и Дано и ќерката Милка, па на Лазо Поп Стефан со ќерката Љубенка, потоа на Дончо и Гена Димови со синовите Дико и Лазо и ќерката Николина, а до нив било семејството на Ило крилото со домаќинката Љуба и со синовите Благој и Лазо како и ќерки те Мица, Лена и Цвета. Меѓу христијанските семејства, во овој дел на маалото, куќа имал и Медо и Фетија со синовите Бајрам и Идавер.
Во Карпа маало живееле и ковачот Богдан и Анка Андреевеи, со синот Круме чија што куќа во правец на шумското и Радио Велес била последна, потоа Гело Зарезанков, па Стево и Ефка Шоптрајанови со синовите Благој, Орце и Љубе, па неговиот брат Ангел со сопругата Лена Шоптрајкови со децата Благој, Стојна, Невена и Трајанка.
На сегашната улица „Крали Марко“ , која претежно е населена со турско население, меѓу најстарите жители биле Сабри и Есма Ахмедови, со синовите Бесим, Мечо, Џемаил и Севдај и ќерките Демира Јаша и Мајди, потоа Асан и Амдие Пампурови со синовите Аким и Керим и ќерките Јаша, Рамизе и Демиран. До нив живеело семејството на Кемал и Медие Салиови со синовите Орхан и Несат, потоа Рамадан и Салие Салиови со синовите Шериф и Шенол, па Селадин и Латифе Асанови со синовите Себадин, Сури и Себо и ќерката Ваиде, а веднаш до нив Амет Мемедов со синовите Суљо, Мемо- познат меѓу велешани како тркачот, Зија и ќерката Рамизе. Во продолжение на улицата се наоѓале и куќите на Демо и Рамизе Кадриови со синовите Мемо и Моамер, па Бајрам и Сервет Рамизови кои имал еден син и три керки, а до живееле Ибраим и Фатима Усеинови со синовите Абдураман,Моарем, Шериф и Решад и ќерка та Мелем.
Тука куќи имало и семејството на познатите велешки чалгаџии Мачевци. Во првата живееле Енвер и Камиле Мачеви со три сина, од нив еден се викал Али и ќерката Изруѓа. Втората била на Суљеман и Ајше Мачеви со синовите Суло, Етки, Нузет, а имале и една ќерка. До нив живеел оџата Азис со сопругата Назмија со петте деца, четирите сина и една ќерка. До нив живееле Шериф и Нафије Асанови со синовите Таири и Ерол и ќерките Фатиме, Фикрис и Ѓулба.
Под Богдан ковачот се наоѓала куќата на Ало со прекар Џирката. На маалото во правец на шумското, се наоѓало теќе кое постои до ден денешен. Во сокакот, од ширинката што води кон Теќе, се наоѓала куќата на Суљо Мачев.
(Панорама од овој дел на Карпа маале кон спротивната страна на Велес)
На почетокот од левата страна на маалото, сегашната улица „Крали Марко“, куќа имал Петре Андов со децата Ване, Стојче и Рајна. Таму живееле и Ѓело и Цвета Зарезанкови со трите ќерки од кои двете се викале Билјана и Тина. Потоа следни биле куќите на семејството на Панче и Душка Станкови со синовите Јованче и Александар,на Ило и Пандора Илкови со синот Ацо и ќерките Бота и Руска, а под нив била куќата на Трајко и Еца Георгиеви со синот Киро и ќерката Славна. Свој дом таму имал и Киро- петелот со синот Николче, па Стево и Султана Мијаков со синовите Тодор и Томислав и ќерката Љубенка. Во долниот дел на маалото живееле Сокол Танев со два сина, големиот композитор Живко Фирфов и неговата сестра Данка Фирфова, семејството на Рахилка –Раца Фирфова, познатата муза на големиот Кочо Рацин, потоа Ило Вадалката, па Димче и Благојка Дурлеви со ќерките Вера и Николина, Гело – ортомџијата со синовите Киро и Димче како и арабаџијата Гело со својата домаќинка Лена.
На горниот дел, под Теќе, во маалото живееле Киро и Веса Николови со ќерките Родна и Трајанка, Здравко и Цвета Чкалови со синовите Петре, Васил, Боро и ќерката Зора, а до нив бил Петре и Пандора Силјанови со синовите Трајко, Тоше и ќерките Цвета и Васа. Таму живееле и семејствата на Трајко Талакот со синот Трајче, Трајко и Рума со синовите Лазе и Ѓоре и ќерката Аница, Ило Станболиев со синот Трајче и ќерките Аница и Бота, Димко- ќаата со двата сина од кои едниот се вика Панче и на Назив зурлаџијата.
На левата страна од маалото живееле и семејството Далјанови, Грозда Трчкова со децата потоа Лена Агушица со двете ќерки од кои едната се вика Нона, па Љубе чашкарецот како семејството Цилевци.
Во највисокиот дел од маалото се наоѓала куќата на Кузман и Цанда Андрееви со синот Ивчо и ќерката Тодора, на Мркот со синот Никола и на Кочо и Лила кои имале пет деца.
Во подолниот дел на Карпа маале се наоѓале куќите на Андреа и Васа Јанкови со синот Ангел и ќерката Марика, а погоре пак биле Борис и Трајанка Саздови со синовите Трајче, Јосиф и Никола и ќерките Виолета и Цветанка. Под нив живееле Љубе и Грозда Нешови со синот Тоше и ќерката Пандорка. Во долниот дел се наоѓала куќата на железничарот Темо и Љубинка Смилеви со синовите Мето и Горан како и на Киро и Васа Јаневи со синот Трајко.
На Карпа маале,кај теќето, во педесетите и шеесетите години се изградени повеќе куќи меѓу кои две на семејството Костови, на Димче и Милка со синовите Нинослав и Димитар и ќерката Весна како и на Љубе и Васа со ќерките Лидија и Пандорка. Следна до нив била куќата на познатиот велешки чалгаџија Ало Тончов, со сопругата Слоботка, синот Томе и ќерки те Соња и Ленче.
Во подоцнешните години на минатиот век, на самиот брег позади Уред ли Здравственот дом , куќи изградиле Томе и Анѓа Смилеви , со синот Румен и ќерката Соња, Коле и Лепа Мркот со ќерките Зорица и Лила, Драгица Тончова и Петре Панов . Во правец кон теќето, на сегашната улица „Крали Марко“, домови си создадоа и семејствата на Селадин, потоа Або и Уска а во правец на запад е зградата на Шумското „Бабуна“ па куќата на Ане Меанџиев,зградата на поранешен Радио Велес и други. Над нив е изградена куќата на семејството на Томо Колевски.
(Панорама на Велес од дел од Карпа маало)
И за крај, „Карпа мааало“ е населено со македонско и турско население а јас можеби не успеав да ги забележам сите семејства што таму имале свои домови затоа што многу се иселени, а немал број се заминати во странство. Секоја точна информација од читателите ќе ми биде добредојдена како и фотографија од минатото на овој дел од стар Велес.
Стоилко Андреевски