Опаѓа наталитетот во Велес, родени 54 деца помалку од лани
Трендот на намалување на наталитетот во Велес продолжува. Според податоците од матичната служба, во изминатите десет месеци од годинава, во велешката болница се родиле вкупно 550 деца и тоа од општините Велес, Градско, Чашка, Св. Николе, Лозово и Неготино. Споредено со истиот период лани, бројот на новороденчиња е намален за 54. Минатата година на свет дошле вкупно 604 новороденчиња.
Најголем пораст на новородени, според бројот на населението, има во Велес, а веднаш потоа е општина Чашка, во која најмногу новородени деца има во селата Горно и Долно Јаболчиште, Горно Врановци и Мелница. Според експертите главната причина за намалување на наталитетот е зголеменото иселување, пред се на млади брачни парови, од Велес, а посебно од општините Свети Николе и Лозово. Неофицијално само во текот на оваа година во потрага по подобар живот, во странство заминале меѓу 1.500 и 2.000 млади лица. Намалувањето на бројот на деца и годинава влијаеше врз оформувањето на паралелките во речиси сите основни училишта во градот.
За прв пат годинава, паралелно со падот на наталитетот, во надолна линија се движи и морталитетот. Податоците од матичната служба говорат дека во периододт од јануари до крајот на октомври, во општините Велес, Градско и Чашка починале 443 граѓани. Во споредба со истиот период од минатата година, кога биле регистрирани 498 починати граѓани, бројката на починати годинава е помала за 55 жители на овие општини./С.А