Ќе се гради ли ветениот покриен пазар во Велес?
Нема заинтересирани фирми кои сакаат заедно со општината да го градат покриениот градски пазар во стариот дел на Велес. Ниту една фирма не се јавила на двата распишани конкурси. Затоа од општината денска соопштија дека тие сами ќе го градат објектот на истото место на кое сега работи пазарот. Изградбата ќе се реализира со пари од локалниот буџет. На веб страницата на општината е достапно идејното решение за изгледот на пазарот проектирано од битолската фирма „Гео Балкан“. Таа била избрана како најповолен понудувач на тендерот што го објавила општината. Градоначалникот Чадиев најави дека во меѓувреме ќе се вршат гео-механичките испитувања на теренот а веќе ги имале и првите наоди за квалитетот на почвата.
– Цениме дека оваа работа ќе биде опсежна и ќе трае можеби во цела една година. Прво ќе почнеме со долниот дел на пазарот за да може непречено да се одвива функционирањето на постоечкиот простор, можеби во позбиени услови. Еден дел од пазарот ќе биде дислоциран на паркингот кој што се наоѓа од спротивната страна. По завршување на првиот дел ќе се пристапи кон изградба на вториот дел. Ќе се работи дел по дел, рече Чадиев.
Покриениот Градски пазар во Велес деновиве беше актуелна тема на неколку медиуми. Во петокот на веб страницата на граѓанската организација Цивил беше објавен текст со наслов „Градоначалникот Чадиев не го исполни ветувањето за покриен зелен пазар со трговски центар“. До текстот стоеше и принт скрин од изјава на Чадиев дадена во 2013 година во која тој вели дека изградбата на покриениот градски пазар ќе заврши во 2016 година.
– Разбирам дека се предизбори и дека некој сака да покаже дека нешто не е во ред и јас сето тоа го почитувам. Во програмата е предвидено изградба на затворен пазар во периодот 2016/2017 година, со јавно приватно партнерство. Општина Велес како и досега така и во иднина ќе работи јавно и транспарентно, рече Чадиев.
Градоначалникот соопшти дека до крајот на годинава треба да биде готов основниот проект за изградба на градскиот пазар, а веднаш потоа да се распише тендер за избор на најповолен понудувач по што ќе можела да започе изградбата на објектот. Инвестицијата првично ќе ја чинела општина Велес 300 илјади евра./Д.С