Кој колку фирми затворил и отворил, денеска се пресметуваа власта и опозицијата во Велес
Во последните две години власта на Груевски уништи 405 фирми во Велес, а на улица без работа и исплатени плати и придонеси останаа над 900 вработени луѓе. Со вакви обвинувања на прес конференција излезе велешката опозиција. Затворањето на овие фирми како и неодамнешното ликвидирање на најголемиот производител на леб и бели пецива Жито Вардар, тие го препишаа на како што велат лошите и криминални политики на актуелната власт.
Само лани, тврдат од СДСМ, биле ликвидирани 134 фирми а 54 отишле во стечај или биле затворени. Додека во 2014 година пак во Велес биле ликвидирани 162 фирми а 55 прогласиле стечај.
– Сопствениците на фирмите се принудени да ставаат клуч на врата на претпријатијата поради лошите и криминални политики на власта . Од рекети и високи казни преку крајно потценувачки однос што го има власта на Груевски кон домашните фирми на кои им дава безобразна државна помош од само 120 денари годишно. Времето на неодговорната власт на Николча Груевски и ДПМНЕ завршува за 40-тина дена. По 11 декември новата Влада предводена од СДСМ парите ќе ги пренасочи исклучиво кон граѓаните , фирмите и кон отворање на нови работни места, рече претседателот на велешките Социјалдемократи , Панче Иванов.
Од развиен индустриски град, СДСМ Велес го направи град на сиромаштијата, вака пак власта и возврати на опозицијата. Во писмената реакција на ВМРО ДПМНЕ стои дека СДСМ не создале ниту едно ново работно место а ветувале по еден нововработен од секое семејство и наместо нови вработувања во нивно време се случувале технолошки вишоци и масовни отпуштања. Во реакцијата исто така се вели дека фабриките што опозицијата ги затворила сега добивале нови инвеститори за рестартирање на производтсвото и враќање на работниците на работните места./Д.С