Напукнати ѕидови и тавани на куќи во Велес од вчерашниот земјотрес
Срушени и напукнати ѕидови, оштетени тавани и санитарен чвор. Ова се штетите од синоќешниот земјотрес што го стресе Велес и околината. Во Центарот за управување со кризи вчеравечер добиле шест пријави за настанати материјални штети. Земјотресот со јачина од 5,3 степени срушил ѕид на куќа во Башино Село и напукнал неколку ѕидови. Во куќи на улиците „Ристо Попов“ и „Петре Милевски“ во Велес, последиците биле напукнати тавани и ѕидови. Земјотресот се почувствувал и во село Извор, општина Чашка. Таму потресот оштетил носечки ѕид од куќа во должина од 2,5 метри.
Во локалната самоуправа се уште не пристигнале пријави за настанати материјални штети како последица од земјотресот. Од таму информираат дека не постојат сериозни и значителни штети на имот на територијата на Велес, сепак комисијата за проценка ќе постапува по секоја пријава доколку направената штета е значителна и е настаната како последица од вчерашниот земјотрес.
Вчерашното тресење на тлото ги испаничи граѓаните на Велес. Некои од нив излегоа надвор на улиците и таму останаа се додека не се смири тресењето на земјата и бучавата.
Земјотресот е регистриран на седум километри источно од Скопје и бил со јачина од 5, 3 степени според Рихтеровата скала. Се случи точно во 15 часот и 10 минути./Д.С