Обдукцијата ќе треба да покаже дали пронајдениот труп на автопатот Велес – Скопје е на исчезнатиот Чонтев
Во провалија длабока над дваесеттина метри кај тунелот Катланово на автопатот Велес – Скопје утрово е пронајден автомобил марка „рено 9“ со скопски регистерски таблички. Во непосредна близина на возилото е пронајдено и мртво машко тело на возраст од четириесеттина години. Телото на загинатиот било во распаѓање. По неколкучасовна акција припадници на полициската Единица за специјални задачи го извадиле телото на загинатиот маж. Потоа следел полициски увид. Според портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Лиза Бендевска по наредба на Јавен обвинител трупот е предаден на обдукција во Судска медицина.
Локацијата на која се откриени автомобилот и телото на починатиот маж утрово во полиција го пријавиле роднини и пријатели на исчезнатиот Робертино Чонтев. Тие седум дена трагаат по својот близок пријател и роднина откако тој исчезна на 24 јули, годинава. Сега се очекуваат резултатите од обдукцијата кои треба да откријат дали трупот на настраданиот е на потполковникот на АРМ, Робертино Чонтев.
Убавка Јаневска