Талентирани и успешни, балерините од „Анабела“ се вратија со златни медали од Сараево
Со дванаесет златни и еден бронзен медал, пехари и дипломи се вратија членовите на балетското студио „Анабела“ од меѓународниот натпревар „Интер денс фестивал“, што викендов се одржа во Сараево. Поделени во различни натпреварувачки дисциплини, според возраста, младите талентирани балерини, се натпреваруваа во јака конкуренција, со европски прваци од седум земји во регионот.
„Овие натпревари се од големо значење за оние кои планираат навистина да се занимаваат со балетот и доколку одлучат да се запишат во средно балетско училиште. Секоја диплома од овој тип на натпревари а воедно и дипломите за членство во нашето балетско студио, добиваат голем број на поени за запишувањето. Така на пример годинава една девојка се запиша во Скопје и доби огромен број поени, искуство и успех во нејзиното образование“, рече Цеца Пајдакова, балетско студио „Анабела“.
На меѓународниот натпревар во Сараево децата беа во придружба на своите родители кои сами си го платија престојот. Сепак Пајдакова вели дека и покрај недостигот од спонзори, децата постигнале големи резултати и успеси, а добиле и позитивни критики од другите балетски студија во регионот.
Со хуманитарен концерт членовите на „Анабела“ во среда и во четврток, ќе настапат на затворањето на „Танце фест“ во Велес. Потоа следува завршен концерт, државно првенство во Македонија и уште еден меѓународен натпревар./Д.С