Цветниот аранжман на Замокот „Равале“ во Младински парк ќе биде поставен наредниот месец
Копијата на замокот „Равале“ кој со цветните аранжмани го красеше Младинскиот парк во Велес, остана само на железната конструкција. Цветните садници се извадени и освен таблата на која е поставена слика на оригиналниот замок во Франција ништо друго не укажува на тоа дека таму беше поиставен најрепрезентативниот примерок од замокот во паркот. Граѓаните се жалат и реагираат дека Замокот повеќе не е убав и не претставува впечатливо катче кое со својата убавина ги привлекуваше погледите на минувачите, а неретко беше и најпосакуваното место за фотографирање. Тие прашуваат кога ќе бидат поставени цветните аранжмани кои со своите складни бои ќе го оживеат замокот.
Одговор на ова прашање побаравме во јавното комунално претпријатие Дервен кое е задолжено да го одржува замокот. Од таму велат дека првично поставените цветни аранжмани биле исушени и неопходно било да се сменат. Тие биле поставени директно на конструкцијата на замокот и затоа не можело подолго да се одржуваат. Сега општината ќе правела соодветни жардењери на кои ќе бидат засадени цвежињата. Од Дервен велат дека Замокот со сета своја раскошна убавина повторно ќе блесне дури во месец мај.
Инаку Замокот е копија на оригиналот „Равале“ кој се наоѓа во збратимениот град Шербур Октевиљ во Долна Нормандија. Изработен е од рециклиран материјал и е резултат на посетата на учениците, професорите и претставниците на локалната самоуправа во мај минатата година. Во Младинскиот парк во Велес беше поставен на празникот на градот, 9 ноември./Д.С