Плакети и признанија за најхуманите луѓе и организации во Велес
Дончо Николовски од Градско, вработен во Колска, досега сто пати дарувал крв на хуманитарните крводарителски акции, организирани во Велес но и во други градови. Тој денеска, по повод светскиот ден на Црвениот крст, 17 март доби признание и плакета за личниот придонес во исполнувањето на општинскиот и републичкиот план за крводарителство за 2015 година.
„Сакав најмалку сто пати да дарувам крв, за понатаму ќе видиме, ако ме служи добро здравјето ќе продолжам да дарувам крв. Убаво се чувствувам кога ќе ја подадам раката затоа што знам дека, барем на овој начин сум му помогнал некому. Секогаш се одзивам на крводарителските акции и таму каде што има итна потреба“, рече Николовски.
На чекор да ја исполни бројката од сто крводарувања е велешанецот Ацо Думовски. На денешната свеченост на општинската организација на Црвен крст тој доби плакета за 75 пати дарувана крв. Но за него тоа и не е толку важно, поважно е тоа што неговиот син тргнал по неговите стапки. Думановски посакува само поголема ажурност на службите и подобра соработка со општинската организација.
„Таа соработка межу крводарителите и општинската организација на Црвен крст малку недостасува. Кога мојот син пред два месеци го донесов да дарува крв никаде не постои во евиденција, за да може во иднина да си ги остварува своите права. Исто така сакам да напоменам дека многу ретко се сеќаваат на нас повеќекратните дарители. Таа нивна евиденција и ажурност не функционира. Веќе четврта година како имам дадено 75 пати крв, но досега не ме поканиле. Ако не ги потсетев јас, немаше да ме поканат и на оваа свеченост. Инаку ако ме служи здравјето ќе продолжам да дарувам крв“, рече Думовски.
Благодарница за успешно спроведени и реализирани крводарителски акции доби и средното училиште „Кочо Рацин“.
„Оваа година навистина направивме големи напори да бројот на крводарители биде поголем и во тоа успеавме. Голем број од учениците од трета година кои немаат полни 18 години масовно се пријавија. Јас се чувствувам многу горд што сум дел од таа организација. Учениците ги мотивираме со предавања за значењето и важноста на крводарувањето“, рече професорот Петре Петрушевски.
Општинската организација на Црвен крст во Велес им се заблагодари на сите крводарители и им порача и во иднина да бидат дел од најхуманите акции во државата./Д.С