Киро Намичев Мајче – познат велешки кондураџија
Киро Намичев-Мајче е само еден од повеќемината мајстори на кондураџискиот занает во градот. Тој беше еден од најпознатите занаетчии во велешката сарачка чаршија до 1975 година. Гордост на неговиот татко Михајло, уште постар и ценет градски кондураџија, кој го посветил својот живот на изработка и поправка на кондури и во истовреме на желбата наследници да му бидат неговите двајца синови помладиот Киро и три години постариот Петре. На пет годишна возраст Киро почнал да го изучува татковиот занает во дуќанот на мајстор Михаил, што се наоѓал меѓу првите во редот на сарачката чаршија, веднаш под Бела џамија, од левата страна на Вардар и Стар мост. Помладиот син на мајстор Михаил се разликувал од постариот по тоа што чиракувал и учел во тогашното училиште „Свети Ѓорѓија“. Бил многу добар ученик но, сепак татко му одлучил наместо на училиште да продолжи со изучување на семејниот занает.
(мајстор Михајло Намичев со занаетчии во Сарачката чаршија)
„Татко ми раскажуваше како уште од мали нозе го засакал занаетот. Дедо ми Михајло бил пресреќен кога во синовите видел наследници. Ги вовел во занаетот. Татко по чирак станал калфа, а во својата осумнаесета година, станал и мајстор. По смртта на дедо, во триесетите години на минатиот век, татко заедно со братот Петре го продолжуваат занаетот се до 1955 година кога чичко ми заминува за Скопје“, рече синот на Киро, Боре Намичев.
(браќата Киро и Петре Намичеви со чираците на татко им )
Синовите на мајстор Михајло ја добиле мајсторска диплома и придонеле да се зголеми производството на кондури во дуќанот на татко им. Тогаш тројцата мајстори имале многу работа. Најмногу правеле везени кондури за жените на муслиманското население во Велес. Исто така мошне барани биле и машките кондури произведени од рацете на Михајло, Киро и Петре. Дуќанот на Намичеви постојано бил место каде што се собирале поголем број млади и слободоумни велешани. Најбројни биле фудбалерите на тогашниот велешки фудбалскиот клуб „Горски“, во кој играл и Киро, потоа чест гостин бил и шпанскиот борец Алексо Демниевски- Бауман како и други напредни младинци. Мајстор Михајло, почнал да им ја препушта работата на синовите додека тој мераклиски седел пред дуќанот, ги надгледувал работите внатре додека надвор муабетел со колегите мајстори занаетчии. Исто така порано заминувал дома, каде го чекала неговата сопруга Донка, во куќата што таа ја наследила од татка си во населбата Дворови.
( Киро Намичев со сопругата Олга и синовите Орце и Боре)
За жал, по смртта на татка си, во 1939 година, Киро се оженил со убавата штипјанка Олга од фамилијата Грачареви, која му родила два сина, Орце и Боре.
(Киро Намичев на излет со другарите)
„Татко ми имаше голем број другари како од еснафот така и од напредната младина. Покрај тоа што на прво место му беше семејството и работата во дуќанот многу сакаше да биде со своите другари. Најблиски му беа Борис Анѓушев, Филимон Доцкинов, Димко Ристов, Димко Џипунов, Трајко Алваџијата, Миле Бујуклиев. Се собираа на седенки и кај нас и често одеа на излети до Бабуна, Пешти и во велешките бавчи. Се сеќавам мераклија беше да запее некоја стара македонска песна. Беше многу среќен кога разбра дека неговиот другар Алексо Демниевски останал жив во граѓанската војна во Шпанија и дека по Русија се вклучил во партизанското движење како командант на дивизија која учествува во ослободувањето и на Винковци и Заграеб“, рече Боре.
(Киро Намичев со семејството и другарите на излет)
Неговиот татко останал сам во дуќанот кога брат му Петре одлучил да се пресели во Скопје. Киро во ниту во еден момент не изразил желба синовите да го продолжат семејниот занает. Најголемо влијание за ова имала неговата домаќинка Олга чија желба била децата да се стекнат со факултетско образование. Синовите им ја исполниле желбата на родителите кога Орце станал дипломиран економист а Боре завршил стоматолошки факултет и станал познат лекар во Велес. Татко им Киро ги школувал додека во дуќанот занаетот им го пренесувал на чираците и калфите и од нив создал мајстори кондураџии како Ацо, Димче Шојлев, Дражо и други.
( Киро со другарите и со Алексо Демниевски Бауман кој е во средина на фотографојата, облечен во војничка униформа)
По втората светска војна, Народниот фронт го формира претпријатието „Катуша“, кое се наоѓало од другата страна на киното „11 Октомври“. Киро се вработил заедно со други мајстори со цел да прават кондури за војската и за граѓаните како и да оспособат млади сограѓани во квалитетни кондураџии. Таму останал неколку години, успешно ја извршил зададената задача, за потоа да му се врати на семејниот дуќан во сарачката чаршија.
(Киро Намичев пред дуќанот во Сарачката чаршија)
„Како што татко беше горд на нашето образование така и јас денеска се гордеам на синот кој заврши стоматологија и кому полека се подготвувам да му го предадам занаетот“рече Боре.
(Киро Намичев со внукот)
Тој на крајот од разговорот се потсети дека мајстор Киро – Мајче, работел се до 1975 година кога со урбанистичкиот план на Велес биле урнати дуќанчињата на занаетчиите во Сарачката чаршија откако тогашните градски власти одлучиле да се урне Белата Џамија. Киро се пензионирал и доживеал длабока старост. Почина на осумдесет и пет години во 1995 година. Тој беше еден од најпознати кондураџии во велешката чаршија кој остана запаметен и по добрината како и по неговите напредни мисли и идеји.
Стоилко Андреевски