Одбележан е распукнатиот дел од брегот на езеро „Младост“
Одбележано е, од денеска, местото на брегот на велешко езеро на кое се појави распукување во должина од дваесет метри. Тоа е небезбедно за паркирање на автомобиле и движење на луѓе. Подружницата во Велес на јавното претпријатие „Македонија пат“ постави светлечки столбчиња како предупредување. Насочниците се поставени покрај самиот коловоз на регионалниот пат кој минува покрај самиот брег на езерото „Младост“ и води до мотелите.
„Работници на нашата подружница на јавното претпријатие утринава излегоа на терен. Ја разгледаа ситуацијата и одлучивме да го одбележиме местото како небезбедно, на тој дел од брегот на Младост. Поставивме столбчиња покрај ивицата на патот кој сигнализираат држење на правец на движење поточно не дозволуваат да се застанува и паркира,“ рече раководителот на ПЕ на Македонија пат, Томе Јаневски.
Дума.мк вчера објави дека голема пукнатина, долга десеттина метри, има на брегот на велешко езеро која се наоѓа веднаш до патот на почетокот на езерскиот брег на стотина метри штом се помине подвозникот кај селото Отовица. Тоа е локација на која многу често застануваат посетителите за да се фотографираат покрај езерото. Токму таму има доволно простор и за паркирање на автомобил
Граѓани вчера рекоа дека распуканата земја е опасна и може да го свлече брегот во водата на езерото а не постои никаква заштита или знак за предупредување на посетителите.
Според некои граѓани распуканиот брег е последица на обилните есенски дождови додека за други пукнатината е од поодамна./У.Ј