СДСМ обвинува, нема греење во две основни училишта и интернатот во Велес
Без греење го започнале второто полугодие од учебната година учениците во основните училишта Васил Главинов и Блаже Конески како и учениците сместени во ученичкиот дом Лазар Лазаров во Велес, соопштија денеска од СДСМ. Според опозицијата, учениците од најголемото основно училиште во градов вчера биле принудени да ја следат наставата со јакни и шалови, слична била состојбата и во Блаже Коневски, и таму учениците се смрзнувале. Од СДСМ велат дека на наставниците не им било дозволено да ги вклучат дополнителните грејни тела.
„Ова се случува во 21 век во Велес, децата ни мрзнат во ладни училници. Хаотична е состојбата и во ученичкиот дом Лазар Лазаревски. Таму до вчера бомбастично најавуваните реновирани соби се без парно греење. И не само што учениците биле оставени без парно греење, во текот на вчерашниот ден туку немало и никој од вработените да ги смести учениците од другите градови“, рече Весна Стојанова Богоевска, О.О. на СДСМ.
Зошто Локалната власт на чело со градоначалникот Чадиев не обезбедиле греење за дел од училиштата , прашуваат од СДСМ. Тие велат дека крајно неодговорно и срамно е ваквото однесување.
„Дали парите што се наменети за нафта за греење се пренаменети за да се обезбедат плати за партиските вработувања во дел од училиштата. Зошто министерството за образование не реагира. Родителите, граѓаните, учениците очекуваат одговори и решавање на овој сериозен проблем“, рече Богоевска.
Од СДСМ велат дека слична била состојбата и денеска, наставниците од Блаже Коневски им рекле на родителите порано да си ги земат децата затоа што ќе немало греење./Д.С