Опасна пукнатина може да свлече дел од брегот на езеро „Младост“
Голема пукнатина, долга десеттина метри, има на брегот на велешко езеро. Таа се наоѓа веднаш до патот на почетокот на езерскиот брег на стотина метри штом се помине подвозникот кај селото Отовица. Тоа е локација на која многу често застануваат посетителите за да се фотографираат покрај езерото. Токму таму има доволно простор и за паркирање на автомобил. Станува збор за пукнатина која ја разделува земјата и е длабока десеттина сантиметри. Граѓани велат дека распуканата земја е опасна и може да го свлече брегот во водата на езерото а не постои никаква заштита или знак за предупредување на посетителите.
Според некои граѓани таа е последица на обилните есенски дождови додека за други пукнатината е од поодамна и никој за неа до сега не се погрижил. Тие предупредуваат дека мора што поскоро да се санира за да недојде до несакани последици. Ова место е собено ризично во вечерните часови, кога поради неосветленост може да биде фатално како за човечкиот живот така и за автомобилите.
Од општина Велес, од каде рекоа дека испратиле екипа, соопштија дека тие не се надлежни да ја санираат пукнатината бидејќи патот што води покрај езерскиот брег до мотелите имал регионална важност па затоа надлежно било ЈП „Македонија пат“.
Раководителот на подрачната единица на јавното претпријатие Томе Јаневски рече дека утре ќе испрати екипа до местото а потоа ќе соопшти што ќе превземат за санирање на пукнатината./У.Ј