Руралните средини сеуште со проблеми до квалитетна вода за пиење и канализациона мрежа
Жителите на руралните средини во велешкиот, кумановскиот и скопскиот регион, за разлика од оние во урбаните не секогаш имаат здрава и чиста вода за пиење. Тоа е резултат на нередовната дезинфекција на селските и локалните водоводи. Исто така тие немаат еднаков пристап и до канализационите мрежи затоа што се уште таму постојат септички јами. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на терен, што го спроведоа центрите и Институтот за јавно здравје во соработка со Економска комисија на Обединетите нации за Европа.
„Покарактеристични заклучоци се дека постојат географски дипаритети, во урбаните средини имаме поголем пристап до вода за разлика од руралните средини. Разлики има и во санитацијата помеѓу урбаните и руралните средини. Во секој случај Македонија ја постигна целта што ја имаше за пристап до вода и сме на многу високо ниво со водоснабдување. Во светски размери сме една од земјите на врвот со 97 проценти пристап до водоснабдување“, рече проф.д-р. Михаил Кочубовски.
Ранливите категории на граѓани имаат поволности во плаќањето на сметките за вода, покажуваат резултатите. Начинот и можноста за плаќање на водата го регулира советот на општината, па така во некои општини социјалните случаи воопшто не плаќаат, додека во други плаќаат само одредена потрошувачка до десет метри кубни вода.
Истражувањата на терен покажуваат дека нема населено место во кое што граѓаните имаат проблем со водоснабдување туку само со квалитетот на водата за пиење. За поединечните резултати денеска и утре ќе дебатираат стручните лица на повеќе државни институции. Треба да донесат и заклучоци за кои беше речено дека ќе ги препратат до медиумите. Инаку овој проект се планира да се прошири и во другите региони во државата.
На денешната работилница присуствува и ја следи претставничката на Економската комисија на ОН за Европа Шантал Дмилкамп. /Д.С