Индиската БРГ со инвестиција во велешка „Порцеланка“
Илјада нови вработувања во Велес. Поранешната фабрика „Порцеланка“ ги отвори вратите за индиската групација БРГ. Тие денеска во Велес го потпишаа договорот со Владата на Република Македонија за реализација на инвестицијата во рестартираните погони на некогашната фабрика за керамички плочки. Во новите производствени хали, со нови современи машини ќе се изработуваат производи од челик и кујнски прибор од нерѓосувачки челик. На потпишувањето на договорот присуствуваше и премиерот Никола Груевски. Тој истакна дека ова нема да биде последната странска инвестиција во градот.
„Особено ми е задоволство што успеавме да ја убедиме оваа компанија да инвестира тука во Македонија, во Велес и да отвори илјада нови работни места. Нашите напори беа повеќе од една година и се чини дека клучен пресвртен момент беше нашето одење во Калкута, Индија директно во нивната фабрика во директна средба со целиот менаџмент и со сопствениците на компанијата“, рече Груевски.
Повеќе од една година владиниот тим, министерот за привлекување на странски инвестиции Џери Наумов и амбасадорот на Македонија во Индија Тони Атанасовски работеле на тоа да ја донесат странската инвестиција во Велес, каде последиците од транзицијата најмногу се почувствуваа.
„Нашето ветување беше дека ќе донесеме инвеститори во Велес кои ќе отворат фабрики и нови работни места. Оваа инвестиција што се случува денеска е реализација на ветеното. Оваа инвестиција ќе биде врата за нови индиски инвестиции во Македонија“ рече министерот за финансии Зоран Ставрески.
Оваа инвестиција вредна триесет и еден милион евра треба да обезбеди и дополнителни директни вработувања со поддршка на локалните компании кои ќе бидат идни добавувачи и партнери на групацијата.
БРГ групацијата е компанија за производство на производи од челик.Таа има шест фабрики низ светот со преку 13 илјади вработени./Д.С