Лековитата вода во село Гарниково, кавадаречко
18.01.2021
Вчерашниот студен, но и сончев убав ден, многумина го искористија да прошетаат во планина, особено на места каде што има снег. Голем број кавадарчани, неготинци, но и други бројни посетители можеа да се сретнат на повеќе локации од патот кој води до одморалиштето Михајлово, особено на подрачјето кое географски се нарекува Витачево. Иако, ова место се наоѓа во подножјето на планината Кожуф, на висока надморска височина, сепак и во зимски услови е достапно за секого. На ова подрачје се наоѓаат повеќе села, од кои, некои се со постојани жители, но поголем број од нив, сега претставуваат викенд населби.
Малкумина знаат дека на ова подрачје, поточно на 15 километри од Кавадарци, од десната страна на патот кој води до Михајлово, се наоѓа селото Гарниково. Селото Гарниково некогаш било големо, претежно сточарско село, но денес брои многу малку постојани жители кои ја продолжуваат традицијата да се занимаваат со сточарство. Денес с. Гарниково е препознатливо по лековитата света вода која се наоѓа веднаш до манастирчето „Свети Петар и Павле‟, каде се наоѓа мала црква од каде извира водата која е посветена на „Св. Петка‟.
Со верба дека таму ќе го најдат лекот, иако температурите беа длабоко под минусот, по патот покриен со снег, сретнавме луѓе кои се упатуваа кон манастирот и лековитата и света вода. Како што луѓето раскажуваа, многу луѓе од земјава, но и од странство, со голема верба, миејќи се, и пиејќи од оваа вода го пронашле лекот за својата болест. На местото каде што се наоѓа самиот извор на лековитата света вода, видовме и дрво на кое имаше закачено лулашка, за која се верува дека е закачена од луѓе кои не можеле да остварат рожба.
Според легендата која се раскажува, светата лековита вода ја открила старата кавадарчанка Срба Витанова, која сонила сон на ова место да гради манастир. Самата велела дека светците и рекле да се нарекува Спаса. За неа кавадарчани сеуште веруваат дека била обдарена од светиот дух да ги гледа светците и да зборува со нив. Велат дека правела своевидни чуда додека била жива. Млади добивале пород по долго чекање. Невреме престанувало тогаш кога се чинело дека никогаш нема да престане, како со нож пресечено. Помош од неа барале луѓе од земјава, но и од странство. Самата си претскажала дека нема да умре дома и навистина умрела токму во манастирот, на денот кога таму се славело . Но, и сега кога ја нема старицата чудотворка, чуда продолжуваат да се случуваат благодарение на светиот објект, кој е украсен со извонреден венец, претходно исплетен од цвеќиња, раскажуваат лица кои се запознати со чудата кои се случуваат на ова место.
Длабоко во планините, целото место е толку живописно што пленува со недопрена природа и истото вреди да се посети.
Мите Јаначков