(ФОТО) Градоначалникот на Општина Градско, Бешовски: Подготвуваме канцеларија за меѓуопштински центар за социјална работа и проширување на капацитетите на детската градинка
Како што во животот на човекот, тој се раѓа, расне, созрева и создава така и во повеќе вековното постоење на Општина Градско се менувале времињата на нејзиниот развој и создавање. Секогаш тоа зависело од нас од жителите на општината што се вкорениле на оваа почва за да ја хранат со својата мисла и крепост, со желба од една страна да го сочуваат споменот за своето време и да бидат пример за идните генерации.
– На 16 декември 1996 година во истата оваа сала го конституиравме Советот на Општина Градско со што ги удривме темелите на нашата општина. На овој голем ден кога зборуваме за постоењето на општината големината на празникот со своето присуство ја покажаа нашите пријатели од МПЦ ИВЗ, установите, институциите, членовите на Боречката заедница, месните заедници, граѓанскиот сектор. На сите ним искрено им благодарам на поддршката и взаемната соработка во градењето на општината. Особено ми е важно што општината ја има поддршката од бизнис заедницата, користам прилика на сите да им се заблагодарам, рече на почетокот на свечениот говор Градоначалникот на Роберт Бешовски.
Имајќи во предвид дека на функцијата татко на општината Бешовски е само два ипол месеци тој додаде дека во тој временски период успеале да завртат стара и отворат нова страница, да внесат концепт на работа, да изготват анализа на јаки и слаби страни, за реално исполнување на зацртаните цели според капацитетите со кои општината располага.
– Затеков блокирана сметка на Општината и состојба на незабележително полнење на буџетот. Мноштво стари долгови со високи камати. Несакам да барам виновници, вие веќе ги казнивте на изборите со тоа што не им дозволивте и понатаму да ве водат во безната од која тешко се наѕира светлото на денот. Но, затоа на друга страна се позитивните можности што ќе ни помогнат да излеземе на површина и цврсто да чекориме по земјата. Без развој нема иднина. Со нас во битката за стабилна општина се Владата, сите министерства, странските и домашни донатори, бизнис секторот што делува на територијата на општината, Вардарскиот плански регион, граѓанскиот сектор и се разбира вие почитувани сограѓани со вашите идеи, потреби и секако љубовта кон вашето родно место, рече Бешовски.
Градоначалникот ги соопшти своите и плановите на Советот за развој на општината како и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Тоа се решенијата за проблемот на водоснабдувањето, развојот и новите вработувања, потоа развивањето на потенцијалите за рурален туризм, социјална заштита, културата и сите други области што се во надлежност на општината. Примарна задача на Општината ќе биде да ги искористи сите можности кои ги нуди автопатот Скопје – Гевгелија што минува низ неа.
– Создавање на услови за отворање на бензиски станици, ресторани и други објекти се само можност да ги задржиме туристите кои поминуваат низ нашата општина. Подготвуваме канцеларија за меѓуопштински центар за социјална работа и проширување на капацитетите на детската градинка. Ќе создаваме работни места и ќе имаме повеќе корисници на сретства од ИПАРД програмата, додаде Бешовски.
Дваесет и една година општина Градско се развива во суверена Република Македонија. Во исто време додека траеше тој процес на проширување, осовременување и ширење покрај реката Вардар секој пат имало место за новите генарации што ќе го чуваат Градско како дел од себе, рече Претседателот на Советот, Александар Јорданов.
– Историската рамка на општината е градена уште во V век а во историската читанка веднаш е вградена приказната повеќе пати прочитана, препеана а дел од неа сеуште не истражена. По неа трагале и ќе трагаат добронамерници. По патеката долга дваесет века полна со херои и воини има сеуште неиспишани страници но има и патоказ кој што ние го поставуваме за идните генерации. Почитувани, ве повикувам со едноминутно молчење да им оддадеме почит на сите воини и херои. Нека им е вечна слава и благодарност, додаде Јорданов
Потоа Градоначалникот Роберт Бешовски им додели благодарници за соработката на фирмата „Агрија“, ББ „Стоби“ и на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Пофалници добија најдобриот наставник во ООУ „Даме Груев“ за 2017 година Билјана Стојанова,најдобриот ученик од прво до пето одделение Тоше Марков, најдобриот ученик од шесто до деветто одделение Бојана Велковска, најдобар ученик од училиштето во селото Виничани Христина Цекова, најдобар средношколец Марија Малчева и за најдобар студент Катерина Димова.
Во програмскиот дел на свечената седница на Општината по повод нејзиниот 21 роденден со рецитал настапија учениците од ООУ „Даме Груев“, децата од детската градинка „Кокичиња“ и КУД „ Стоби“.
На свечената седница на Општина Градско денеска присуствуваа и пратеникот Панче Иванов, Градоначалникот на Велес и Претседател на Вардарски плански регион Аце Коцевски, Градоначалникот на Чашка Горан Стојановски, членови на Советот на Општина Градско, преставници на МПЦ и Исламската верска заедница, поранешни Градоначалници, секретари на Општината, преставници на граѓанските организации и бизнис заедницата./У.Ј