Нова опрема за поквалитетни мерења и анализи за ЈВП „Лисиче“ и Центарот за јавно здравје во Велес
Се засилува мониторингот на водите во државата а со тоа и се поедноставува работата на ЈВП „Лисиче“ и на Центарот за Јавно здравје во Велес. Инспекторатот за заштита на животна средина денеска им стави на располагање нова опрема за индикативни мерења на водите на вработените лаборанти на браната на Хидросистемот „Лисиче“. Нови апарати за поквалитетно следење на квалитетот на водата преку примероците што се земаат за анализи од чешмите, реките и езерата во регионот ќе добијат и лекарите во Центарот за јавно здравје во Велес. Опремата што Инспекторатот им ја додели чини скоро 100 илјади евра и е обезбедена од пред пристапната помош на ИПА 1 фондовите на Европската Унија.
– Со новата опрема ќе имаме подобри податоци и поквалитетно извршување на задачите што се наша редовна работна обврска и постојано ги обавуваме – рече директорот на ЈВП „Лисиче“, Бобан Пановски .
Освен ЈВП „Лисиче“ и Центарот за јавно здравје во Велес, нова опрема ќе добијат и Центрите за јавно здравје од Скопје, од Битола, од Тетово потоа Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип како и Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Вкупната вредност на обезбедената опрема изнесува 350 илјади евра, таа е во сопственост на Инспекторатот а ќе ја користат околу дваесет јавни претпријатија, центри, универзитет и институт.
Во оваа помош се наоѓаат и поединечните апарати што ги добија уште неколкуте Центри за јавно здравје како и државни институции. Станува збор за апарати кои ќе овозможат побрзи и поквалитетни анализи на вода, за присуството на ПМ 10 честички во воздухот како и од мерења на бучавата во градовите.
– Како инспекциски служби ќе добиеме навремени и веродостојни резултати за да може да имаме брза реакција. Загадувањето на одредени медиуми како што се водата или воздухот се од краток временски период. Додека инспекциски служби, можно е загадувањето веќе да го нема. Со оваа софистицирана опрема и апарати ќе имаме подобри резултати, рече советникот за меѓународна соработка во Инспекторатот за животна средина, Дарко Блинков.
Дел од новата опрема денеска беше промовирана во објектот на браната на хидросистемот Лисиче. Грчки експерти одржаа предавање за ракувањето со апаратите пред присутните вработените на браната, инспектори и други гости./У.Ј