Почина велешанецот Димче Крнинов:„Почивај во мир „брату“, велешани ќе те сочуваат во спомените“
16.01.2021
Во 66 година од животот и далеку од својот роден Велес поточно во градот Колумбос во Соединетите Американски Држави почина велешанецот Димче Крнинов. Музичкиот уредник на Радио Титов Велес беше урбан лик, легенда, од кого новинарите и соработниците на тогашниот, во осумдесеттите и деведесетите години на минатиот век , имаа можност да слушнат многу информации за животот во градот.
Наставникот по музичко образование што своето прво работно место во Кавадарци го замени со работа во локален медиум остана во него се до предвременото пензионирање за да уредува и води повеќе музички емисии на брановата должина на радио станицата. Меѓу велешани беше познат по контактната програма со слушателите и со снимените разговори со работниците при посетите во тогашните фабрики во Титов Велес. Се до последниот час од постоењето на Градскиот дувачки оркестар исто така беше негов член и диригент на бројни настани во јавниот живот како и погреби на сограѓани.
Непосреден, сатиричен и хумористичен Крнинов беше човек што ќе остане запаметен по ведрината и позитивната енергија, пристап кон обичниот човек.
Негово хоби беше и рибарењето а рибарските досетки и шеги често пати предмет на смеа во контактите со пријателите, колегите и соработниците. Тие постојано започнуваа и завршуваа со неговиот омилен збор: „Брату“.
Затоа во овој последен поздрав до тебе пишуваме: „Брату, нека ти е лесен патот кон вечноста, гледај го одозгора твојот Велес и носи ги како спомен сеќавањата на твоите велешани што ќе те паметат по добрина, човечност и ведрина!“ Искрено сочувство до твојата Верче и двете ќерки, Aлександра и Катерина, со семејствата.
Убавка Јаневска