Новогодишно – божиќен концерт во Велес (ФОТО)
Со соло настап, варијација на класичениот балет „Есмералда“ балерината Дора Пајдакова на Балетското студио „Анабела“ го отвори овогодишниот Новогодишно – Божиќен концерт во Велес.
Таа не беше единствената од ова балетско студио што настапи на сцената во големата сала на Општина Велес. Со уште неколку кореографии, на кореографката Цеца Пајдакова, настапија балерините на „Анабела“ кои во студената јануарска вечер им ги стоплија срцата на присутнитните сограѓани. Со првата, балерините ги вратија во детството преку мелодијата на добро познатата „Божиќна песна“ и добија долг аплауз додека со втората изведба на „Валцер на замрзнатите цветови“ ги освоија сите присутни.
Во вториот дел на концертот публиката со задоволство уживаше во изведбите на хористките на детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“, под диригенство на професор Веселинка Маџарова. Во првиот дел хористките ги изведоа народната Божиќна песна „Вечниот бог“, „Днева Дњес“ од Александар Касталски, „Тивка ноќ“ од Франц Грубер како и „Pie Jesu“ од Ендру Лијд Вебер со солистите Јелена Илиќ и Катерина Вишинова во пијано придружба на Габриела Бачманова.
Потоа хористките изведоа новогодишни и божиќни песни омилени во неколку европски држави, дел од нив традиционални и многу познати меѓу луѓето како и македонската народна Божиќна песна „Небо и земја“ за да завршат со сплет на Божиќни песни. За одличните изведби хористките и диригентката Маџарова беа наградени со долги аплаузи.
Балетското студио „Анабела“, поточно кореографката Цеца Пајдакова и детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“, за постигнатите досегашни резултати што ги сочинуваат бројни настапи, натпревари и освоени златни и сребрени медали или први и втори места како на домашни така и натпревари во странство, се добитници на високото општинско признание Спомен плакета „9-ти Ноември“ за 2019 година./У.Ј