Конзерваторите открија интересни фрески во црквата „Свети Димитрија“ во Велес
Ктитор облечен во раскошна одежда кој во рака ја држи црквата „Свети Димитрија“ во истоимениот манастирски комплекс што се наоѓа на јужниот излез од Велес е фреската што при конзервацијата ја открија конзерваторите на Националниот конзерваторски центар. Таа потврдува дека станува збор за живопис од крајот на 13 век и почетокот на 14 век што значи дека црквата е стара повеќе од седум века. Конзерваторот Владо Муковски и советникот конзерватор Момчило Трајковски велат дека има уште интересни фрески во внатрешноста на малата црква.
– Ние направивме истражувачки сонди и дојдовме до сознание дека под него има стар живопис. Овој живопис е од крајот на 13 век и почетокот на 14 век . Пронајден е и ктиторски натпис што е многу оштетен. По правило тој треба да ги содржи сите информации кој е ктиторот, во која година е изградена, кому е посветена, рече Муковски.
Фрескоживописите се наоѓаат на ѕидовите во влезниот дел на малата црква. Првиот е на ѕидот од десната страна, додека вториот со податоците за ктиторот над влезната врата. Веднаш под него има и фреска со сцени за кои конзерваторите Муковски и Трајковски велат дека најверојатно се сцени од страшниот суд. Тие претходно, во првичниот слој на ѕидовите откриле и фрескоживопис кој потекнува од 19 век што го извадиле и го сочувале. Сега само треба да се стави на нов носач.
– Но бидејќи министерството за култура овој проект го поддржува со минимални средства ние ќе работиме само петнаесет дена и засега толку, додаде Трајковски.
Според двајцата конзерватори проектот треба да продолжи поради нивните сомнежи дека во ѕидовите на црквата „Свети Димитрија“ можат да се откријат и други фрески кои ќе одгатнат повеќе клучни прашања од преданијата што досега се пренесуваат како за тоа кога точно е изградена црквата така и за ктиторот, за тоа дали навистина за време на владеењето на Османлиското царство била закопана од страна на жителите на стар Велес па и други важни податоци за неа.
Инаку црквата „Свети Димитрија“ е препокриена, заедно со камбааната, сменети се трулите дрвени греди што се наоѓаат под ѕвоното при што сочуван е автентичниот изглед. Сега доколку министерството за култура одобри пари тогаш ќе можат да продолжат конзерваторските работи во внатрешноста на црквата./У.Ј