(Фото) Промовиран романот првенец „Животна посветеност“ на истакнатиот научен работник и поет Божидар Јовиќ
Романот „Животна посветеност“ е ново и вредно дело во севкупното книжевно и научно творештво на авторот Божидар Јовиќ. Тоа може да се одреди како роман хронологија во која како наратор се јавува писателот кој хронолошки опстојно и доследно ги запишал личностите, времињата и настаните кои некогаш биле живот на овој македонски простор. Селото Радово во кое се случуваат приказните е книжевен псевдоним за географијата на Велес и Велешко. Во романот првенец на Јовиќ, одредени се и границите на времето.
Приказната за Македонката Дара и Македонецот Илија започнува непосредно пред почетокот на Втората светска војна која со себе носи нови зла и порази, го поттикнува Македонецот на сенародна борба за остварување на националните и социјалните права како и слободи и продолжува во периодот на доаѓањето на слободата а потоа и новото време со почетоците на обновата и изградбата на татковината.
– Книгата е лесно читлива и интересна. Авторот, Божидар Јовиќ со „Животна посветеност“ создава четиво чии вредности се реалистичниот пристап, едноставноста на исказот и чистотата на јазикот, намерата да се биде конкретен и точен, и според него на тоа има апсолутно право што е можно повеќе да се говори вистината. А таа пак од своја страна е убава и жизнерадосна оти животот ниту се продава, ниту се купува, туку се создава и пресоздава со сопствени настојувања и распродажбана позитивна енергија. Како поинаку тетка Дара можела да ги победи самотијата и несреќата, зловремињата, ако не умеела да се дарува и никогаш притоа не помислувајќи колку тоа и било возвратено. Едноставно верувала и живеела, рече рецензентот проф Др Васил Тоциновски на промоцијата на романот.
– Пројавата во повеќе жанрови е разборлива и логична со оглед на талентираноста и способноста на Божидар како автор да се размавне со своето перо и со своевидна леснотија да твори и книжевно да егзистира на повеќе книжевни полиња. Во мојот прв контакт со романот јас согледав расен раскажувач со јасна мисла и тактички прецизна наративна линија. Иако знаев дека ова е негов прв роман никаде не можев да препознаам дека е прв обид за уметничка проза. Беше очигледно дека годините поминати во себеизградување и богатото искуство во научното творештво, го изградиле Божидар во стрплив, прецизен, методичен, сликовит раскажувач кој полека, без брзање сосема јасно не води низ наративната линија на романот постепено градејќи ги ликовите кои растат пред нашите очи, рече рецензентот Игор Крајчев на промоцијата на новото книжевно новороденче „Животна посветеност“ на истакнатиот роднокраен поет и писател Божидар Јовиќ.
На промоцијата на шестото дело,што се одржа во Ликовниот салон во Велес, авторот за потребното трпение во процесот на создавање на романот прво му се заблагодари на своето семејство а потоа и на присутните колеги и пријатели кои му укажаа чест со присуството на промоцијата. При тоа, со големо срцетреперење искрено рече:
– Се што е потребно за литературниот збор научив од доајените, плодни творци и писатели. Живеејќи со перото деноноќно сум опкружен со воља да го пренесам на генерациите. Не случајно во овој мој прв роман, на првата страница, кажувам дека тоа е растреперена љубов на мајката од овие простори. Не случајно во првата глава напишав дека е посветено на мајките, на децата и на поколенијата кои доаѓаат, рече авторот Јовиќ.
Јовиќ во романот „Животна посветеност“ пишува за папочната врска со коренот, со родот и породот, во приказна што не случајно е сместена во рурален амбиент. Тоа е она парче земја што го храни и челичи човекот, го создава и оформува субјектот како хумано битие и како национален идентитет и непокор. Таа и таквата врска логички се изградува и афирмира со ликот на македонската мајка кој прераснува во универзален симбол на егзистенцијата. Жената како сестра и љубовница, животен сопатник и мајка, едноставно како извор на нови животи и радости кои во македонската книжевна традиција не потсетуваат на мајките на Прличев и на браќата Миладиновци. Мајката Дара во романот на Јовиќ не е само живот и воспитание, грижа и љубов, таа во истовреме е сенародно опстојување, будење и просперитет. Епската димензија во структурата на делото се гради со децениите на историската истрајност во која главниот лик е само стожер на колективното постоење и меморирање на македонскиот народ./У.Ј